10 септември 2022 (МИА)
1526.- Турската војска под команда на султанот Сулејман Први по победата над Унгарците во Мохачката битка, успеа да го заземе Будим, кој стана седиште на Будимскиот пашалак, провинција на Османлиското царство во наредните 150 години.
1721.- Шведска и Русија со мир во Нистад, Финска, ја завршија Големата северна војна, започната во 1700 година, во која рускиот цар Петар Велики ги победи Швеѓаните со што доби излез на Балтичкото Море.
1839.- Роден е американскиот филозоф и логичар Чарлс Сандерс Пирс, основач на прагматизмот. Верувал дека идеите најмногу можат да се испитаат со истражување на последиците кои ги предизвикуваат. Немал универзитетска кариера, главно работел во владини служби, а неговите влијателни собрани дела се објавени постхумно.
1855.- Роден е германскиот археолог Роберт Колдевеј, кој од 1889 до 1917 година го истражувал Вавилон и докажал дека библиската метропола на реката Еуфрат, јужно од Багдат, навистина постоела.
1905.- Во Велес е роден Алексо Демниевски - Бауман, македонски борец во Шпанската граѓанска војна (1936-1939) и во НОВ на Македонија од крајот на 1944 година. Во Шпанската граѓанска војна беше командант на баталјонот "Ѓуро Ѓаковиќ", а потоа откако беше унапреден во чин мајор стана командант на интернационалната бригада "Георги Димитров". Во НОВ на Македонија беше командант на Петнаесеттиот македонски ударен корпус. Умрел во Белград, на 5 септември 1961 година.
1910.- Во Прилеп е роден Мирче Стојанов (Димче Мире), учесник во националноослободителното движење, член на Президиумот на АСНОМ, претседател на Народното собрание на НР Македонија, еден од основачите на архивистичката служба во Македонија. Умрел во Скопје, на 4 септември 1991 година.
1914.- Роден е американскиот филмски режисер Роберт Вајз, двапати добитник на Оскар. Вајз кариерата ја започнува како монтажер во филмовите "Граѓанинот Кејн" и "Величенствените Амберсонови" на Орсон Велс.
1917.- Во Скопје е роден Драган Ташковски, истакнат македонски историчар, публицист и општествено-политички работник. Умрел на Хвар, на 16 септември 1980 година.
1919.- Во Сен Жермен, кај Париз, склучен е мировен договор меѓу Австрија и победничките сили во Првата светска војна. Мировниот договор формално ја потврди пропаста на австроунгарската монархија и на Австрија и беше забрането да се здружи со исто така поразената Германија. Со договорот е признаено Кралството на Србите, Хрватите и Словенците.
1925.- Во Париз излезе првиот број на весникот „Македонско дело“, орган на ВМРО (Обединета). Излегуваше и во Берлин и во Виена. Главен уредник беше Владимир Поп Томов, а во редакцијата беа Димитар Влахов, Јордан Атанасов, Дино Косев, Т. Рилски и други. Ги спроведуваше идеите што беа во основата на Мајскиот манифест - борба против режимите на Бугарија, Југославија и Грција, а за независна Македонија во федерација на слободните балкански народи.
1939.- Британскиот доминион Канада и објави војна на нацистичка Германија со што пресметката во Европа доби карактер на светска војна. Канадските единици се бореа во рамките на британската армија на сите фронтови во Втората светска војна.
1942.- Британското воено воздухопловство во Втората светска војна со 476 авиони го нападна Диселдорф при што исфрли околу 100.000 бомби.
1943.- По капитулацијата на Италија во Втората светска војна, германската армија го окупираше Рим.
1944.- Во ослободениот Париз, генерал Шарл де Гол, водач на армијата слободни Французи и на деголистичкото движење ја формира првата влада на новата Четврта француска република.
1944.- Во Софија, на заседанието на Организациониот комитет на Светскиот рударски конгрес, Националниот организационен комитет на Република Македонија е примен за полноправен член.
1945.- Во Норвешка, под обвинение за предавство, осуден на смрт беше водачот на норвешките фашисти Видкун Квислинг. Во Втората светска војна беше премиер на марионетската влада од 1942 до 1945 година. Со негова помош во 1940 година Германија ја окупира Норвешка.
1964.- Министрите за надворешни работи во Организацијата на африканското единство, на заседание во Адис Абеба, го прифатија планот за завршување на граѓанската војна во Конго.
1967.- Граѓаните на Гибралтар на референдум ја отфрлија можноста за припојување кон Шпанија, определувајќи се да останат под управа на Велика Британија.
1974.- Врз основа на договорот постигнат во Алжир, Португалија ја призна независноста на Гвинеја под водство на претседателот Луис Кабрал.
1976.- Во судирот на патничките авиони "Трајдент" на британската компанија "Бритиш ервејз" и "ДЦ-9" на југословенската компанија ЈАТ, северно од Загреб, загинаа сите 176 лица во двата авиони.
1979.- Во Москва умре Антониот Агустино Нето, англиски политичар, поет и публицист, еден од најистакнатите водачи на анголскиот народ во борбата против португалските колонизатори. Од 1962 година беше претседател на Народното движење за ослободување на Ангола, а од прогласувањето на независноста во 1975 година - претседател на Народна Република Ангола и врховен командант на оружените сили. Роден е во 1922 година.
1981.- Сликата "Герника" на шпанскиот сликар Пабло Пикасо е вратена во Шпанија. Насликана е во 1937 година, по нацистичкото бомбардирање на гратчето Греника во Шпанската граѓанска војна и од 1939 година беше во Њујорк. Пикасо остави аманет "Герника" да не биде вратена се додека неговата земја не стане демократска држава.
1989.- Унгарија ги отвори границите кон Запад и дозволи заминување на илјадници граѓани на Источна Германија. Масовниот егзодус го предизвика падот на Берлинскиот ѕид, а подоцна и обединувањето на Германија.
1993.- Израелскиот премиер Јицак Рабин во Ерусалим го потпиша официјалното израелско признавање на Палестинската ослободителна организација (ПЛО). Церемонија е извршена откако премиерот Рабин го доби писмото од лидерот на ПЛО Јасер Арафат со кое се признава Израел, како и копијата од другото писмо на Арафат во кое тој повикува на крај на Интифадата.
1994.- Во селото Арачиново, Скопско, е поставен и осветен камен-темелникот на новата црква "Св. Маченик Талалеј".
1998.- Умре Александар Ленин, етномузиколог, прв доктор на музички науки во Македонија. Роден е во Кавадарци, на 5 октомври 1908 (или, според семејството во 1906 година).
1998.- Водачите на пробританските монархистички протестанти и проирските римокатолички републиканци во Северна Ирска се сретнаа за првпат лице во лице по 1922 година, но не дојде до склучување мировен договор во таа провинција на Велика Британија.
2000.- Во Република Македонија се одржаа вторите локални избори (по осамостојувањето) за градоначалник и за членови на општинските совети на 123 општини, односно 124 со градоначалникот и Советот на град Скопје.
2002.- Швајцарија стана 190 членка на Обединетите нации.
2003.- Шефот на шведската дипломатија Ана Линд, со нож беше прободена во стоковна куќа во Стокхолм од страна на Швеѓанин од српско потекло. Следниот ден почина.
2007.- Најмалку 37 лица загинаа, а 150 беа повредени во експлозија на камион натоварен со експлозив во северно Мексико. Камионот се судри со друго возило, а во несреќата настрадаа припадници на војската, полицијата, спасувачките служби и новинари кои се најдоа на местото на несреќата.
2007.- Во својот дом во Палм Спрингс, Калифорнија, во САД, умре Џејн Вајман, „последната ветеранка на Холивуд“, една од најекспонираните и најкомерцијални актерки во четириесеттите и педесеттите години на 20. век, добитник на „Оскар“. Родена во 1914 година.
2011.- Почина познатиот македонски писател Бранко Пендовски. Драмскиот писател Бранко Пендовски како раскажувач и романсиер зад себе остави опус кој има свое место во развојните процеси на современата македонска литература. Долги години беше главен уредник и директор на издавачката куќа “Култура”, а извесен период и уредник на книгоиздателството “Кочо Рацин”. Учествувал и во уредувањето на литературното списание “Разгледи”. Еден мандат беше претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Автор е на збирките раскази “Игра”, “Наш град” и “Смртта на орденот”, на романот “Скали”, како и на драмите “Студенти”, “Под пирамидата”, “Потоп”, “Пречек” и други. Во 1987 година објавени се Избрани дела на Бранко Пендовски во три тома. Роден на 27 мај 1927 година во Кочани.
2013.- На 93-годишна возраст во Охрид почина Вангел Деребан, еден од најпознатите македонски кујунџии. Деребан е роден во 1920 година во Струга од каде ја продолжува неколкувековната семејна кујунџиска традиција и го развива охридското филигранство. За Вангел Деребан се презентирани информации и репортажи од многу домашни и странски новинари и публицисти. Тој е многу често застапуван во проспектите и други публикации за промоција на Охрид и Македонија. Добитник е и на престижната Св. Климентова награда во Охрид.
###