• недела, 22 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
24 јули 2022 (МИА) 1567.- Незадоволното благородништво ја принудило да абдицира шкотската кралица Марија Стјуарт поради нејзиниот обид да ја наметне римокатоличката политика во протестантска Шкотска. 1704.- Британските сили под команда на адмиралот Џорџ Рук го одзеле Гибралтар од Шпанците. 1783.- Во Каракас, Венецуела, е роден Симон Боливар, јужноамерикански револуционер и национален водач. Раководел со борбите за независност на шпанските колонии и нивното национално оформување. Ги ослободил Венецуела, Еквадор, Панама и Перу. Умрел на 17 декември 1830 година. 1802.- Во Вила Котере е роден Александар Дима - таткото, француски писател. Автор е на авантуристички романи, меѓу кои најпознати се „Тројцата мускетари“, „Грофот Монте Кристо“, „Црното лале“ и „Ѓерданот на кралицата“. Умрел во 1870 година. 1824.- Резултати од првото испитување на јавното мислење во светот биле објавени во американската држава Делавер во очи на претседателските избори во САД. 1883.- Во обид да ги преплива брзаците на реката над Нијагарините водопади се удавил Метји Веб, кој во 1875 година прв го препливал каналот Ла Манш. 1908.- Турција била прогласена за уставна монархија. Овој датум се зема како Ден на победата на Младотурската револуција. 1923.- Грција, Турција и сојузничките сили во Првата светска војна ја потпишале Лозанската декларација, врз основа на која било извршено принудно иселување на христијанското население од Турција во Грција и на муслиманското население од Грција во Турција, со што во голема мера бил изменет националниот состав на Егејска Македонија. 1943.- Сојузничкото воздухопловство во Втората светска војна ја почнало операцијата „Гомора“, концентрирано тешко бомбардирање на германскиот пристаништен град Хамбург. 1946.- Во Пацификот, во близина на островот Бакини, САД ја извршиле првата подводна атомска експлозија. 1957.- Во Прилеп умрел Методија Андонов - Ченто, македонски револуционер и државник, прв претседател на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ и борец за правата и слободата на македонскиот народ. Во 1946 година со пресуда на Окружниот суд во Скопје, бил осуден според Законот за кривични дела против народот и државата и тоа со лишување од слобода 11 години. Умре како маченик, а бил рехабилитиран во октомври 1990 година. Роден бил во Прилеп, на 17 август 1902 година. 1967.- Францускиот претседател Шарл де Гол во Монтреал го завршил говорот со зборовите „Да живее слободен Квебек“ (канадска покраина со француско етничко мнозинство, некогаш француска колонија), предизвикувајќи скандал во канадската јавност и жесток протест од страна на премиерот Лестер Пирсон. Поради тоа шефот на француската држава бил принуден да ја скрати посетата на Канада. 1974.- Умрел англискиот физичар Џејмс Чедвик, добитник на Нобеловата награда за физика во 1935 година, кој три години претходно го открил неутронот. Во Втората светска војна во Лос Аламос, САД, тој бил главен британски инструктор на проектот за развој на атомска бомба. 1976.- Американскиот вселенски брод „Викинг 1“ се спуштил на Марс со што почнало истражувањето на можноста за живот на оваа планета. 1980.- Умрел англискиот филмски актер Питер Селерс, исклучителен комичар. Филмови: „Д-р Стренџлав“, „Лолита“, „Пукот во темница“, „Затвореникот Зенде“, „Добредојдовте господине Ченс“. 1991.- Умрел еврејскиот писател Исак Башевис Сингер, добитник на Нобеловата награда за литература во 1978 година. Неговите дела се инспирирани од традицијата и фоклорот на Евреите во Источна Европа, особено во родната Полска, каде што живеел до преселувањето во САД во 1935 година. Негови познати дела се „Изгубен во Америка“, „Непријатели“, „Љубовна приказна“, „Москатови“, „Стара љубов“ и други. 1992.- Во Скопје, во издание на Министерството за народна одбрана на Република Македонија бил промовиран првиот број на списанието „Одбрана“. 2005.- Умрел британскиот научник Ричард Дол, кој прв ја утврдил врската помеѓу тутунот и ракот на белите дробови, како и помеѓу алкохолот и ракот на дојките. Исто така го открил и позитивното дејство на аспиринот во лечење на срцевите заболувања. 2005.- Американецот Ленс Армстронг седумпати по ред триумфирал на најголемата светска велосипедска трка - Тур де Франс, завршувајќи ја својата кариера со подвиг за кој се чини дека тешко ќе биде повторен. 2016.- Починал Димитар Мирчев, македонски универзитетски професор, професор Емеритус по политички науки, редовен член на Европската академија на науки и уметности во Одделот за општествени науки, право и економија. Мирчев бил поранешен амбасадор на Македонија во Словенија и нерезидентен амбасадор во Ватикан, а извршувал и важни функции во политичкиот живот на Македонија. Мирчев бил роден во Сливен, во 1942 година. Основно и средно образование завршил во Скопје, а високо на Правниот факултет во Белград. Специјализирал методологија на општествени науки на Универзитетот во Брадфорд, Велика Британија, магистрирал во Скопје, на политички науки, на тема „Изборниот процес во Англо-саксонските земји“. Докторирал на Факултетот за општествени науки на Универзитетот во Љубљана, на тема од политички науки, „Критика на граѓанските теории на партиципацијата“, а бил и на пост-докторски претстој на Школата за јавни работи и меѓународни односи на Универзитетот во Питсбург, САД. Димитар Мирчев бил основач на Младата демократска странка, на Македонскиот совет на Европското движење и еден од обновувачите и член на Либералната партија на Македонија. ###  

Остани поврзан