• четврток, 21 ноември 2024
На денешен ден
1 август 2022 (МИА)   10 п.н.е.- Роден е римскиот цар и историчар Клавдиј Први Тибериј Друз кој во текот на владеењето од 41 година го средил хаосот во државата, а потоа во 43 година ги освоиL Британските острови. Умрел во 54 година од отровни печурки кои му ги подметнала неговата четврта сопруга Јулија Агрипина со цел на престолот да го доведе синот од нејзиниот претходен брак Клавдиј Цезар Август Германик Нерон. 1502.- Италијанскиот морепловец Христофер Колумбо пристигнал на брегот на американското копно, дел кој подоцна го добил името Хондурас. 1744.- Роден е Жан Батист Ламарк, француски природонаучник и филозоф, основач на учењето за развитокот на живите суштества. Според него живите суштества ја менуваат структурата и некои органи зависно од животните потреби, а потребите се менуваат со промена на околината. Умрел на 18 декември 1829 година. 1798.- Во заливот Абукир, во Средоземното Море, англискиот адмирал Хорацио Нелсон извојувал најславна победа во историјата на поморското војување, победувајќи ја француската војска на Наполеон Бонапарта. 1819.- Во Њујорк е роден Херман Мелвил, северноамерикански романсиер, автор на познатиот роман „Моби Дик“. Умрел во Њујорк, на 28 септември 1891 година. 1834.- Ропството е забрането во целата Британска империја врз основа на што во британските колонии се ослободени повеќе од 770.000 робови, најмногу во таканаречена Западна Индија (Кариби). 1874.- Велика Британија го укинала ропството во сите британски колонии. 1884.- Во Скопје е роден Лазар Танев, прв претседател (градоначалник) на НОО на град Скопје по завршувањето на НОВ на Македонија. Умрел во Скопје, на 1 јануари 1956 година. 1910.- Во Софија умре Владимир Ковачев, македонски револуционер и поет (брат на Владислав Ковачев, револуционер и публицист). Неговата поезија е проткаена со нагласен револуционерен патриотизам и со неизмерна љубов кон својата земја и народ. Роден бил во Штип, на 5 јануари 1875 година. 1919.- Под притисок на интервенционистичките сили на соседните буржоарски држави, задушена била унгарската советска република на Бела Кун. На чело на државата дошол Јосиф Хабзбуршки, а во земјата бил воведен „бел терор“. 1960.- Дахомеј (од 1975 Република Бенин), француска колонија од 1892 година, добила независност. - Национален празник на Република Бенин. 1968.- Умрел Мито Хаџивасилев-Јасмин, македонски револуционер, борец, мислител, државник, новинар и публицист. Посебно значајно место имал во развојот на македонското новинарство и публицистиката. Учествувал во издавањето на речиси сите централни весници во Македонија во 1944 година. Еден бил од првите главни и одговорни уредници на весникот "Нова Македонија", како и на други весници и списанија. Роден бил во Кавадарци, на 21 декември 1922 година. 1978.- Во Скопје умрел Спасе Куновски, македонски сликар, професор на Педагошката академија во Скопје и член на групата „Мугри“. Учесник бил на групните изложби на македонската и југословенската уметност во Франција, Бразил, Турција, Италија, Полска, Норвешка, Куба и на други места. Роден е во Дебар, на 25 септември 1929 година. 1994.- Претседателот на Германија Роман Херцог и изрази жалење на Полска поради страдањата кои неговата земја и ги нанела во Втората светска војна. 1997.- Умрел рускиот пијанист Свјатослав Теофилович Рихтер, еден од најзначајните пијанисти на 20 век. Автентично ги толкувал композициите на различните епохи, интерпретирајќи ги со совршена техника, што ја одушевувала концертната публика ширум светот. 2000.- Исламските терористи во Кашмир во седум напади масакрирале најмалку 100 луѓе. 2004.- Во пожар во еден супермаркет во предградието Асунсона, Парагвај, животот го изгубиле 409 луѓе, додека 454 биле повредени. 2005. - Умрел саудискиот крал Фахд, а за нов крал бил прогласен неговиот помлад полубрат принцот Абдулах.   ###

Остани поврзан