• петок, 20 декември 2024
На денешен ден
4 март 2022 (МИА)   1193.- Умрел арапскиот државник и војсководец Саладин, султан на Египет и Сирија, основач на династијата Ејубида, кој во 1187 година ги поразил крстосниците кај Хатин и освоил голем дел од Сирија и Палестина со Ерусалим. Саладин до ден денешен останал митска личност на арапската историја и култура. Според етничкото потекло Саладин не бил Арап, туку Курд. 1461.- Во англиската „Војна на ружите“ Едвард од Јорк го презел престолот како крал Едвард Четврти. 1678.- Роден е италијанскиот композитор и виолински виртуоз Антонио Вивалди. Бил свештено лице и типичен претставник на барокниот дух. Најпознато дело му е „Четири годишни времиња“, како и низа концерти за виолина, флејта и фагот. 1789.- Во Њујорк бил свикан првиот Конгрес на САД. 1801.- Томас Џеферсон станал првиот претседател на САД инаугуриран во новиот главен град Вашингтон. 1832.- Умрел францускиот ориенталист Жан Франсоа Шамполион, основач на египтологијата. 1852.- Во Москва умрел Николај Василевич Гогољ, руски писател, хуморист и сатиричар, татко на руската реалистична школа. Негови најпознати дела се „Вечери на чифликот кај Диканка“, „Миргород“, „Тарас Буљба“, „Петроградски раскази“, „Мртви души“, „Ревизор“ и „Женидба“. Роден бил во Сорочинци, Полтава, на 31 март 1809 година. 1913.- Роден е американскиот филмски актер Џулијус Гарфинкл, познат како Џон Гарфилд. Филмови: „Четири жени“, „Хуарез“, „Ме направија злосторник“, „Морски волк“, „Тие живеат опасно“, „Поштарот секогаш ѕвони двапати“, „Тело и душа“, „Џентлменски договор“, „Големиот нож“, „Да имаш и да немаш“. 1933.- Претседателот на САД, Франклин Делано Рузвелт, под притисок на економската криза ја објавил својата "нова политика", чија суштина бил интервенцијата на капиталистичката држава во нарушениот стопански систем во земјата. 1945.- Во Скопје бил одржан првиот слободен Црковно-народен собор. Во присуство на над триста делегати, свештеници, претставници на народната власт и на Народниот фронт, делегатите автентично го искажале расположението на македонскиот народ од сите краишта на слободна Македонија за создавање на Македонска православна црква преку обнова на старата Охридска архиепископија која во 1767 година незаконски била укината од турскиот султан Мустафа Трети, а по барање на Цариградската патријаршија. 1965.- Сирија национализирала девет нафтени компании, вклучувајќи два американски нафтени концерна. 1977.- Во силниот земјотрес во Романија, кој најмногу го погоди главниот град Букурешт, загинале повеќе од 1.570 луѓе. 1996.- Во Скопје умрел архиепископот Охридски и Македонски г.г. Гаврил (Ѓорѓи Милошев), трет поглавар на Македонската православна црква, учител, преведувач (прв ја превел Библијата на македонски јазик) и уредник во Државното книгоиздателство на Македонија, прв декан на Богословскиот факултет во Скопје. Роден бил во Скопје, на 17 април 1912 година. 2004.- Во пожарот кој го зафати манастирот Хиландар на Света Гора целосно биле уништени реновираните гостински и игуменски простории, како и дел од монашките келии, Белиот конак и малата црква од 17. век, административните простории, а монасите успеале да ги спасат највредните реликвии. 2020.- На 80-годишна возраст во Скопје по кратко боледување почина познатиот тон снимател од МРТ Варнава Андреески – Бакли. Андреески 43 години работен век ги помина токму во јавниот сервис непосредно до камерите на терен и во телевизиските студија. Тој беше единствен жив сведок од техничкиот оддел на МРТ кој ја формираше некогашната ТВ Скопје по земјотресот. Десет години како тонец патувал по светот заедно со Тито во тогашната СФРЈ. Работел на преносите на шест Олимписки игри, учествувал во речиси сите музички емисии на МРТ, а работел и на филмската комедија „Мирно Лето“.   ###

Остани поврзан