• недела, 24 ноември 2024
На денешен ден
19 јули 2021 (МИА)   1545.- Бродот „Мери Роус“, гордост на воената флота на англискиот крал Хенри Трети, потонал во каналот Солент помеѓу јужниот брег на Англија и островот Вајт, предизвикувајќи смрт на повеќе од 700 луѓе. 1814.- Роден е американскиот пронаоѓач Семјуел Колт. Според неговото презиме е наречен револверот кој тој го конструирал. 1834.- Во Париз е роден Едгар Дега, француски сликар, еден од најпознатите претставници на ликовната уметност во 19 век. Изработил низа бакрописи, цртежи и скулптури. Умрел во Париз, на 26 јули 1917 година. 1866.- Умрел германскиот математичар Георг Фридрих Бернхард Риман, кој отворил нов правец во развојот на математиката и нејзината примена во физиката и механиката. Неговото име го носат низа математички поими: Риманов интеграл, Риманова диференцијална еднаквост, Риманова сфера, Риманова фунција, Риманова геометрија. 1877.- Англискиот тенисер Спенсер Гор победил во финалето на првиот турнир во Вимблдон. 1893.- Во грузиското село Багдада е роден Владимир Владимирович Мајаковски, руски поет и сликар, еден од основачите на футуристичкиот правец во Русија. Бил голем борец против сите видови угнетување на човекот и ја ставал под удар на својата сатира малограѓанштината на советското општество. Неговите дела извршиле огромно влијание врз советската поезија. Најпознати му се делата „Облак во панталони“, „Војна и мир“, „Владимир Илич Ленин“, „Многу добро“, „Тафтабита“, „Студен туш“ и други. Се самоубил во Москва, на 14 април 1930 година. 1896.- Роден е шкотскиот писател Арчибалд Џозеф Кронин. Дела: романите „Цитадела“, „Ѕвездите гледаат од небо“, „Госпоѓата со каранфили“, „Три љубови“, „Херојски години“, „Јупитер се смее“. 1900.- Отворено било париското метро. 1900.- Во Лајпциг, Аугуст Велер, професор по физиологија, во својот кабинет го прикажал епохалниот изум - кардиографот, кој денеска претставува основа за научно испитување на срцевите заболувања. 1974.- Шпанскиот диктатор Франсиско Франко привремено, поради болест, му ја предал власта на принцот Хуан Карлос кој во 1975 година, по Франковата смрт, станал крал на Шпанија. 1980.- Во Москва биле отворени 22-те Олимписки игри на кои учествувале 6.000 спортисти од 80 земји, а повеќе од 45 држави им се придружиле на САД во бојкотот поради советската инвазија на Авганистан во 1979 година. 1993.- Република Македонија станала 175 членка на УНЕСКО. 1998.- Во Скопје умрел Душко Аврамов, македонски писател за деца. Во 1970 година ја објавил неговата прва книга „Славејот на одмор“, а во 1996 година последната - „Стевче смелче“. Роден бил во Скопје, на 29 април 1938 година. 2010.- Умрел Дејвид Ворен, австралиски пронаоѓач на „црната кутија“. Почнал да работи на овој апарат во 1953 година по учеството во истрагата за несреќата на еден авион. Прототипот кој го направил во 1956 година австралиската Управа за цивилно воздухопловство го отфрли како безвреден. „Црната кутија“ денеска е задолжителен составен дел на сите авиони. 2016. - На 81-годишна возраст починал познатиот американски актер, режисер и сценарист Гери Маршал. Маршал, кој меѓу другото бил творец и на романтичните филмови „Убава жена“, „Невестата бегалка“ и „Дневникот на принцезата“, многумина го сметаат за еден од основачите на американката телевизиска комедија. Роден бил на 13 ноември 1934 година. 2019.- На 75 години почина холандскиот филмски актер Рутгер Хауер, познат по улогата во филмот Блејд ранер. Хауер оствари бројни улоги во акциски филмови, а играше и во филмот „Ноќни соколи“ со Силвестер Сталоне. За улогата во филмот „Бегство од Собибор“ во 1988 година доби „Златен глобус“. ###

Остани поврзан