• петок, 20 декември 2024
На денешен ден
22 март 2022 (МИА)   - Денеска е Светски ден на водата 1312.- Ватикан го распуштил монашкиот витешки ред на Темплар, основан во Палестина во 1118 година заради заштита на поклониците на Христовиот гроб. 1599.- Роден е фламанскиот сликар Антон Ван Дајк, истакнат претставник на фламанската сликарска школа, врз кого силно влијаел Паул Рубенс во чие ателје во младоста работел. Потоа замина во Италија, па во Франција, а во Лондон дошол во 1632 година и станал дворски сликар на кралот Чарлс Први и портретист на високото англиско благородништво. Најмногу се прославил со портретите кои се одликуваат со суптилност и сериозна психолошка анализа. 1687.- Умрел францускиот композитор, виолинист, диригент, пејач, актер, сценограф и танчер од италијанско потекло Жан Батист Лили, творец на класичната француска опера, со балетски и хорски арии и сценски ефекти. Дела: „Тезеј“, „Персеј“, „Кадмис и Хермион“, „Алсеста“, „Психа“, „Амадис од Галија“, „Амсида“, „Асис и Галетеј“, „Прозефина“, „Фетон“. 1794.- Американскиот Конгрес усвоил закон со кој во американските бродови забранил да се превезуваат црни робови од Африка во Америка. 1797.- Роден е прускиот крал Вилхелм Први Фридрих Лудвиг кој му помагал на канцеларот Ото фон Бизмарк да ја обедини Германија. На прускиот престол бил од 1861, а од 1871 година станал првиот цар на Германското царство. Во текот на владеењето со воени освојувања од Данска ги презел покраините Шлезвиг и Холштајн, а од Франција Алзас и Лорен. Во 1879 година го издал „Lex specialis“ со кој социјалистичкото движење во Германија било ставено вон законот. 1832.- Во Вајмар умрел Јохан Волфганг Гете, германски писател, најмаркантната појава во целокупната германска литература и еден од најзначајните во светската литература. Беше современик и учесник на многу книжевни струења и правци. Светското признание го стекна со драмскиот еп „Фауст“. Други негови познати дела се „Страдањата на младиот Вертер“, „Егмонт“ и „Херман и Доротеја“. Роден е во Франкфурт на Мајна, на 28 август 1749 година. 1848.- Побунетата Венеција прогласила независност од Австрија. 1873.- Во селото Лактиње, Охридско, е роден Дејан Војвода, македонски револуционер. Потекнува од сиромашно селско семејство. По ѕверското мачење од страна на Турците, умрел во 1910 година. 1876.- Во Врање е роден Бора Станковиќ, српски писател. Делата му се проткаени со симпатии за патријахалниот свет на врањанскиот крај. Бил сликар на судирот на страстите во личноста и на носталгијата по младоста. Негови познати дела се романот „Нечиста крв“, драмите „Коштана“ и „Ташана“, голем број раскази и други дела. Умрел во Белград, на 21 октомври 1927 година. 1895.- Пионерите на филмот браќата Огист и Луј Лимиер во Париз за првпат демонстрирале движечки слики употребувајќи целулоидна лента. 1910.- Роден е англискиот писател Николас Џон Тарни Монсар, најпознат по романот „Сурово море“. Други дела: „Мисли за утре“, „На прв поглед“, „Приказна за Естер Костело“, „Племето кое го загуби водичот“, „Смит и Џонс“. 1913.- Роден е американскиот актер од српско потекло Младен Секуловиќ, познат како Карл Малден, кој се прославил во филмовите на Елиј Казан, со кого соработувал и во театарот. Филмови: „Бумеранг“, „Трамвајот наречен желба“ (Оскар), „Бакнеж на смртта“, „Едноокиот Џек“, „Патон“, „Синсинати Кид“, „Невада Смит“. 1919.- Воспоставена била првата меѓународна авионска линија меѓу Париз и Брисел. 1933.- Роден е иранскиот државник Аболхасан Бани Садр, кој во 1980 година бил избран за прв претседател на Иран по симнувањето на шахот Резе Пахвали во исламската револуција. Поради несогласување со политиката на иранските верски водачи бил принуден на бегство во Франција. 1938.- Во селото Рајчица, Дебарско, е роден Тришо Стојановски, македонски писател и новинар. Автор е на делата: „Меѓу две реки“, „Сочувана земја“, „Немолклива земја“ и „Рајска земја“. Умрел во Скопје, на 1 октомври 1986 година. 1943.- Сите Евреи од Македонија кои, собрани во Монополот во Скопје, биле транспортирани во логорот на смртта Треблинка, во Полска, во кој по извесно време беа ликвидирани од германските фашисти. 1945.- Египет, Ирак, Јордан, Либан и Сирија во Каиро ја формирале Арапската лига. 1979.- Во Хаг ирски терористи го убија британскиот амбасадор во Холандија Ричард Сајкс. 1992.- На вторите повеќепартиски избори во Албанија власта ја освоила Демократската партија. 1996.- Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) била примена за член на Асоцијацијата на европските академии. 2000.- Германија го усвоила законот за обесштетување на лицата принудени на присилна работа во текот на нацистичката ера, игнорирајќи ја жалбата на преживеаните за премногу малиот надоместок. 2004.- Македонскиот премиер Бранко Црвенковски во Даблин ја предал апликацијата за членство на Република Македонија во Европската унија. 2004.- Духовниот лидер на палестинското Исламско движење на отпорот (Хамас), шеикот Ахмед Јасин загинал при израелски воздушен напад во Газа. 2006.- Баскиската сепаратистичко-терористичка организација ЕТА прогласила траен прекин на терористички дејства во настојување со политички средства да постигнат независност на северната шпанска покраина Баскија. Од 1968 година, во Шпанија, припадниците на ЕТА убиле 850 лица. 2015.- На 87-годишна возраст умрел Петар Хаџи Бошков, почесен член на Македонската академија на науките и уметностите. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Љубљана, специјализирал скулптура на Кралскиот колеџ за ликовни уметности и на Слејдовата школа за ликовни уметности во Лондон, бил гостин-професор на Академијата за ликовни уметности Купер во Њујорк. Работел во Училиштето за применета уметност во Скопје, на Факултетот за ликовни уметности во Скопје каде бил и декан. Организирал повеќе од 30 самостојни изложби во Македонија, во поранешната СФР Југославија, во Англија, САД, Турција и Грција, а учествувал и на повеќе од 300 групни изложби во земјата и во странство како и на бројни скулпторски колонии. Во 1978 година бил учесник на Меѓународното биенале во Венеција. Реализирал 16 монументални споменици кои се поставени во Македонија, Словенија, Хрватска, Србија и во Франција. Добитник е на 30 национални и меѓународни награди, меѓу кои и на наградата „11 Октомври“. Неговите дела се застапени во државни и приватни колекции во Македонија, Словенија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Англија, САД, Франција, Полска, Италија, Турција, Грција, Белгија. За почесен член на МАНУ бил избран во 2009 година. Роден бил 1 јуни 1928 година во Скопје.   ###

Остани поврзан