• недела, 22 декември 2024
На денешен ден
7 октомври 2021 (МИА)   1571.- Шпанската морнарица кај Лепанта во југозападна Грција ја победила турската флота. Во битката по која Отоманското царство никогаш повеќе не станало голема поморска сила, загинале најмалку 25.000 Турци, а биле потопени 80 турски бродови. 1849.- Во Балтимор умрел Едгар Алан По, северноамерикански поет и раскажувач. Неговата лирика се одликува со меланхоличност и тага. Автор е на кусите приказни на ужасот „Црна мачка“. Други негови познати дела се „Гавранот“, „Анабел Ли“, „Авантурите на Артур Гордон Пим“ и други. Роден бил во Бостон, на 19 јануари 1809 година. 1879.- Британските трупи извршиле инвазија врз Авганистан, со цел оваа земја да ја стават под британски протекторат. Настанот предизвикал две авганистански војни, но дури во 1919 година Британија ја признала независноста на оваа земја. 1885.- Во Копенхаген е роден Нилс Хенрик Давид Бор, дански теоретски физичар, основач на теоријата на структурата на атомот. Учествувал во научните истражувања што довеле до производството на атомската бомба. Во 1922 година ја добил Нобеловата награда за физика. Умрел во Копенхаген, на 18 ноември 1962 година. 1904.- Умрел Димитар Цанко, македонски преродбеник. Тој имал најистакната улога во изградбата на историскиот континуитет на македонската културна традиција во југоисточна Албанија. Роден бил во селото Бобошница, Корчанско, во 1814 година. 1908.- Прогласена била унијата меѓу Грција и Крит. 1910.- Во Дојран е роден Ѓорѓи Абаџиев, македонски писател, еден од најпознатите прозаисти, публицист и историчар. Негови најпознати дела се „Изгрев“, „Епопејата на Ножот“, „Последната средба“, „Арамиско гнездо“, „Пустина“ и други. Умрел во Куманово, на 2 август 1963 година. 1913.- Во Прилеп е роден Илија Николовски - Луј, македонски музички педагог и композитор. Музика учел во Белград и во Софија, а дипломирал на Педагошката академија во Скопје. Умрел во Скопје, на 22 октомври 1973 година. 1931.- Роден е јужноафриканскиот надбискуп Дезмонд Туту, борец против апартхејдот, добитник на Нобеловата награда за мир во 1984 година. 1935.- Друштвото на народите ја прогласило Италија за агресор врз Абисинија (Етиопија). 1940.- Германија во Втората светска војна ја окупирала Романија со што допрела до важните стратешки нафтени полиња. 1944.- Кај селото Смојмирово, Беровско, во борба против германските фашисти загинал Ацо Караманов, македонски поет и борец во НОВ на Македонија. Роден бил во Радовиш, на 31 јануари 1927 година. 1946.- Во Софија почнала траурната церемонија - пренесување на посмртните останки на големиот син на македонскиот народ Гоце Делчев, во главниот град на Народна Република Македонија. 1949.- Прогласена била Демократска Република Германија. Вилхелм Пик бил претседател, а премиер Ото Гротевол. Со тоа Германија била поделена на две држави. На ова му претходело прогласувањето на Сојузна Република Германија, на 21 септември 1949 година. 1959.- Советскиот вселенски брод „Луна 3“ прв ја фотографирал темната страна на Марс. 1959.- Умрел американскиот оперски пејач и филмски актер од италијанско потекло Марио Ланца, кој остварил голем број незаборавни оперски улоги. Снимил неколку филмови, вклучувајќи го и филмот „Големиот Карузо“. 1969.- НР Кина соопштила дека е постигната согласност за почеток на преговорите со Советскиот Сојуз за граничниот спор. 1981.- Потпретседателот на Египет Хосни Мубарак станал вршител на должноста шеф на државата еден ден по убиството на претседателот Анвар ел Садат, извршено од страна на исламски терористи. 1985.- Во Скопје умрел проф. д-р Христо Андонов-Полјански, македонски историчар, ректор на Универзитетот "Кирил и Методиј" во Скопје, долгогодишен професор на катедрата по историја на Филозофско-историскиот факултет, признат научник, проучувач на историјата на македонскиот народ. Роден бил во Дојран, на 21 септември 1927 година. 1989.- Конгресот на Унгарската социјалистичка работничка партија ја укина партијата која владееше 33 години и наместо неа ја формира Социјалистичката партија на Унгарија. 1991.- Европската заедница и стави ултиматум на Југославија за 24 часа да ги прекине воените дејствија на ЈНА. Во спротивно се закани со економски санкции. 1992.- Советот за безбедност на Обединетите нации ја основа Комисијата за испитување на воените злосторства во Југославија. 1993.- Во Скопје се конституира Агенцијата за трансформација на претпријатијата со општествен капитал. 1995.- Умре Христо Христоманов, македонски општествено-политички работник и земјоделско-шумарски стручњак. Смртта настана како последица од повредите добиени при атентатот врз претседателот на Република Македонија Киро Глигоров. Роден е во Струмица, на 18 јули 1921 година. 1992.- Германските компании и владата понудија 3,3 милијарди долари компензација на стотина илјади луѓе кои беа приморани на присилна работа во текот на нацистичката ера. 2001.- САД извршија напади врз Авганистан бидејќи талибанците одбија да го испорачаат арапскиот терорист Осама бин Ланед осомничен за терористичките напади врз Њујорк и Вашингтон, на 11 септември. 2003.- Американскиот филмски актер од австриско потекло Арнолд Шварценегер е избран за гувернер на Калифорнија, најнаселената држава во САД. 2004.- Во серија експлозии во египетското летовалиште Синај, на границата со Израел, загинаа 35 туристи, а беа ранети 105, повеќето израелски граѓани. Најсилната експлозија бил во Таби, во хотелот „Хилтон“. 2004.- Абдицираше камбоџанскиот крал Нород Сиханук кој ја ослободи земјата од колонија. Него го наследи синот Нород Сихамон. 2004.- Во експлозија на автомобил-бомба во пакистанскиот град Мултан загинаа најмалку 39 луѓе, а преку 100 беа повредени. 2006.- Убиена е познатата руска новинарка Ана Политковска, коментатор на „Нова газета“ и добитник на „Златно перо на Русија“ за 2000 година. Факултетот за новинарство го заврши на „Ломонсовиот“ универзитет во Москва. Работеше во повеќе медиуми, меѓу кои и во дневниот весник „Известија“. Автор е на книгата „Патување во пеколот - Чеченски дневник“. Ана Политковска е добитник и на награда за добротворни цели, како и на награда на Здружението на новинари на Русија. 2013.- Американците Џејмс Ротман и Ренди Шекман и Германецот Томас Зидоф ја добија годинешната Нобелова награда за медицина или физиологија, за истражувањата поврзани со тоа како клетките го организираат својот преносен систем. Преку своите истражувања Ротман, Шекман и Зидоф открија извонредно прецизен систем за контрола на преносот и испораката на клеточниот материјал. Истражувањето на тројцата научници овозможило да се дознае „како пореметувањата при преносот на клеточниот материјал придонесуваат за развој на невролошките болести, дијабетесот и болестите на имунолошкиот систем“. Паричната награда, која ќе ја поделат тројцата научници, изнесува 1,2 милиона долари. 2014.- Јапонците Исаму Акасаки и Хироши Амано, како и американскиот државјанин роден во Јапонија, Хуџи Накамура, оваа година се избрани за добитници на Нобеловата награда за физика. Наградата им се доделува за пронаоѓање на сините светлечки диоди - нов штедлив енергетски и еколошки извор на светлина (ЛЕД сијалица). Пронајдокот е стар само 20 години, но веќе има исклучителен придонес за човештвото. Светлечките диоди масовно се употребуваат за екраните на смартфоните. Тројцата научници ќе ја поделат наградата од 1,1 милион долари. 2016.- Претседателот на Колумбија, Хуан Мануел Сантос станал добитник на Нобеловата награда за мир. Наградата на Сантос му била доделена за „неговите непоколебливи напори за прекин на 50-годишната граѓанска војна во Колумбија“. Тој одиграл водечка улога во склучувањето на мировниот договор со бунтовниците од Колумбиските револуционери вооружени сили (ФАРК). Со договорот се ставил крај на војната меѓу колумбиските власти и бунтовниците. Нобеловата награда за мир е во вредност од 930.000 долари. 2016.- По кратко и тешко боледување починала Светлана Антоновска (65) – основоположник на современата статистика во самостојна Република Македонија и прв директор на Државниот завод за статистика по осамостојувањето на земјата. Како статистичар, покрај извршувањето на својата раководна функција до 1997 година и во периодот од 1998 до 2001 година, Антоновска била активен пропагатор и основоположник на унапредувањето на статистичката методологија во Република Македонија, како и за имплементирање на стандардите, класификациите и номенклатурите кои се применуваат во статистичките истражувања во Европа и во светот. 2020.- На 62-годишна возраст во Кочани почина поранешниот македонски олимпиец Коце Ефремов. Ефремов, кој е роден на 17 март 1956 година е еден од најистакнатите борачи на БК Спартак, југословенски репрезентативец, кој беше олимпиец од ЛОИ во Москва во 1980 година, каде го освои седмото место, а една година претходно беше златен на Медитеранските игри во Сплит, со учества на европски и светски првенства во борење. ###

Остани поврзан