• понеделник, 23 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
26 јуни 2022 (МИА) - Меѓународен ден за поддршка на жртвите на тортура - Светски ден на борба против дрогата 1541.- Во судирот меѓу шпанските освојувачи за власт на новооткриените територии бил убиен нивниот водач Франциско Писаро. Тој во 1532 година, со само 200 војници, со измама, ја зазел престолнината на Инките, Кахамарка и го заробил царот Атахуалпа, по што Перу станала шпанска колонија, а во 1535 година ја основал Лима, подоцна престолнина на Перу. 1810.- Умрел Жозеф Моголфие, француски пронаоѓач. Со својот брат Етјен го конструирал првиот аеростат-воздушен балон наполнет со топол воздух. Роден бил во 1740 година. 1824.- Роден е Вилијам Томсон Келвин, англиски физичар. Работел на воведувањето на апсолутен систем на единици и мерења, учествувал во полагањето на трансатлантскиот телефонски кабел и изработил температурна скала. Умрел во Белфаст, на 17 декември 1907 година. 1836.- Умрел францускиот офицер Клод Жозеф Руже де Лил кој во 1792 година ги напишал зборовите и мелодијата на француската химна. 1861.- Во Прага умрел Павел Јозеф Шафарик, словачки филолог и историчар, еден од најистакнатите чешки и словачки народни преродбеници. Неговото дело е од големо значење за словенските народи. Меѓу другото, ги објавил и Житијата на Кирил и Методиј. Роден бил во Кабеларево, на 13 мај 1795 година. 1892.- Родена е Перл Бак, американска писателка. Светска слава стекнала со своите романи за животот на кинескиот народ. Најпознати нејзини дела се „Добра земја“, „Мајка“, „Исток – Запад“, „Синови“, „Разурнат дом“ и други. Добитник била на Пулицеровата награда во 1931 година и на Нобеловата награда за литература во 1938 година. Умрела во Данби, на 6 март 1973 година. 1898.- Роден е германскиот конструктор на авиони и индустријалец Вилхелм Мезершмит, главен конструктор на авионите на нацистичка Германија во Втората светска војна. 1906.- Во францускиот град Ле Ман била одржана првата автомобилска Гранд при трка. 1945.- Во Сан Франциско, во САД, претставници на 50 земји потпишале Повелба за основање Организација на обединетите нации (ООН). Повелбата стапила во сила на 24 октомври 1945 година (овој ден се прославува како Ден на Обединетите нации). 1970.- Александар Дубчек, шеф на Комунистичката партија на Чехословачка и водач на реформското движење наречено „прашка пролет“ до интервенцијата на Варшавскиот пакт во август 1968 година, бил исклучен од владејачката партија. 1992.- Во Скопје била формирана Македонската фармацевтска комора, со цел да ја организира и унапредува фармацијата како неделив елемент на здравството. 2000.- Меѓународниот тим на научници го објавил епохалното откритие - мапата на човечките гени, оценувајќи го тој настан како „историска точка во стоилјадагодишното постоење на човештвото“. ###  

Остани поврзан