• недела, 24 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
3 мај 2020 (МИА) - Денеска е Светски ден на слободата на печатот 1469.- Во Фиренца е роден Николо Макијавели, италијански политичар, дипломат, поет и комедиограф. Негови најпознати дела се „Владетелот“, „Историја на Фиренца“, „За воената вештина“ и „Мандрагола“. Умрел во Фиренца, на 20 јуни 1527 година. 1492.- Кристифор Колумбо го открил островот Јамајка. 1500.- Португалскиот морепловец Педро Алварес Кабрал го открил Бразил на пат кон Индија и го прогласил за имот на Португалија. 1814.- Францускиот крал Луј Осумнаесетти  се вратил во Париз по поразот на царот Наполеон Први во битката кај Ватерло. 1841.- Нов Зеланд бил прогласен за британска колонија. 1917.– Во Штип е роден Киро Глигоров, првиот претседател на самостојна Република Македонија. Бил претседател во два мандата од 1991 до 1999 година. По пензионирањето Киро Глигоров бил активен како публицист. Глигоров е автор на неколку дела, главно пишувани по завршувањето на неговиот мандат како претседател - „Македонија е сè што имаме“ (2001), „Атентат - ден потоа“ (2002), „Виорни времиња: Република Македонија реалност на Балканот“ (2004) и „Сите југословенски (стопански) реформи“ (2006). Тој е основач и на фондацијата „Киро Глигоров“. Киро Глигоров беше најстариот македонски политички функционер. На 17 ноември 1999 година, кога заврши неговиот втор претседателски мандат, тој имаше 82 години, а во 2000 година Гинисовата книга на рекорди го забележа Глигоров како најстар претседател на држава во светот. На 8 април 1993 година Глигоров првпат се обрати на македонски јазик на говорницата на Обединетите нации кога Република Македонија стана 181. членка на ОН. На 3 октомври 1995 година во 9 часот и 50 минути преживеа атентат со автомобил-бомба поставен на улицата „Македонија“ во непосредна близина на хотелот „Бристол“. Во 2005 година стана прв носител на „Орденот на Република Македонија“. Починал на 1 јануари 2012 година. 1920.- Во Скопје е роден Кирил Билбиловски, пионер на македонската кинематографија, еден од првите уметнички фотографи и втемелувач на професијата филмски снимател во Македонија. Сними повеќе од сто документарни и десетина играни филмови. Значајни се креациите на неговата филмска камера во филмовите „Денови на искушение“, „Каде по дождот“, „Македонска крвава свадба“, „Македонскиот дел од пеколот“, „Најдолгиот пат“, „Исправи се Делфина“ и други. Умрел во Охрид, на 24 септември 1989 година. 1922.- Во Париз била основана Меѓународната железничка унија. 1945.- Народната влада на Демократска Федеративна Македонија, по предлог на Комисијата за јазик и правопис при Министерството за просвета донесла решение за утврдување на македонската азбука која има 31 буква. Азбуката првпат била отпечатена во весникот „Нова Македонија број 104, четврти, петти, шести и седми мај, 1945 година. 1946.- Во Токио почнало заседанието на Меѓународниот суд за Далечниот Исток на кое требало да се утврди вината на јапонските воени злосторници. 1979.- Со убедлива победа на конзервативците на британските парламентарни избори била извршена смена на кормилото на власта, а Маргарет Тачер станала прва жена премиер во британската историја. 1996.- Делегати од 55 земји на конференција на Обединетите нации се согласиле за новите правила за користење мини, но не ја прифатиле нивната целосна забрана. 2002.- Претставници на 36 од 44 земји на Советот на Европа потпишале Документ за целосна забрана на смртната казна, дури и во време на војна. 2002.- Најмалку 450 луѓе загинале кога на реката Мегна, 170 километри јужно од Дака, главен град на Бангладеш, потонал фериботот „М.В.Салахудин-2“ со околу 500 патници и членови на екипажот. 2005.- Избрана била првата демократска влада во Ирак, прва по владеењето на Садам Хусеин. 2014.- На 65-годишна возраст по долго боледување починал Илија Атанасовски – Ико, поранешниот генерален секретар на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Атанасовски во ФФМ работел цели 24 години, а во тој период, кога претседател на Федерацијата бил Љубисав Иванов – Ѕинго, Македонија била примена во ФИФА и во УЕФА. Тој е автор на фудбалската монографија „Ние сме едно големо фудбалско семејство“, а во својата кариера како играч има настапувано за Тетекс, Југококта и Вардар. Добитник бил на специјалното признание за животен придонес во македонската фудбалска игра. ###

Остани поврзан