• недела, 22 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
6 јуни 2021 (МИА) 1599.- Роден е шпанскиот сликар Диего Родригес де Силва и Веласкес, еден од најголемите во историјата на сликарството, дворски сликар на шпанскиот крал Фелипе Четврти. 1606.- Роден е францускиот писател Пјер Корнеј, творец на класичната француска трагедија. Дела: трагедија „Сид“, „Сина“, „Полиект“, „Родогин“, комедијата „Лажливец“. 1654.- Шведската кралица Кристина Аугуста која во 1644 година и ставила крај на војната со Данска, а во 1648 година и на Триесетгодишната војна, по што Шведска станала голема сила, а Балтичкото Море практично „шведско море“, морала да абдицира поради натурањето на непопуларната римокатоличка ориентација. 1683.- Во англискиот град Оксфорд отворен бил „Еssmolien“ - првиот јавен музеј во светот. 1799.- Роден е рускиот писател Александар Сергеевич Пушкин. Бил иноватор во поглед на јазикот, стилот и содржината. Умрел на 38-годишна возраст кога бил ранет во двобој со еден француски авантурист. Дела: романите во стихови „Евгениј Оњегин“, „Гроф Нулин“, „Куќичка во Коломна“, драмите „Борис Гудонов“, прозните дела „Капетановата ќерка“, „Камен гостин“, „Моцарт и Салиери“, поемите „Цигани“, „Бронзен коњаник“, „Гаврилијада“, „Руслан и Људмила“, „Кавкаски заробеник“, бајки во стихови „Бајка за царот Салтан“, „Бајка за рибарот и рипчињата“. 1861.- Умре италијанскиот гроф Камило Бенсо Кавур. Бил заслужен за ослободувањето на Италија од Австрија и нејзиното унапредување под Савојската династија. Во сојуз со францускиот цар Наполеон Трети во 1859 година војувал против Австрија која тогаш како поразена ја изгубила Ломбардија. 1868.- Роден е англискиот поларен истражувач, поморски капетан Роберт Фалкон Скот, шеф на експедицијата која во јануари 1912 година стасала на Јужниот пол, четири недели по норвешкиот истражувач Раул Амундсен, кој прв го извел ваквиот подвиг. 1871.- По поразот на Франција во Француско-пруската војна, Германија ги анектирала Алзас и Лорен (Лотарингија). 1875.- Роден е германскиот писател Томас Ман, претствник на психолошкиот роман, веројатно најзначаен германски прозен автор во 20 век, добитник на Нобеловата награда за литература во 1929 година. Дела: „Буденброкови“, „Волшебен брег“, „Кралско височество“, „Доктор Фаустус“, „Исповеди на лажливката Феликс Крул“, „Јосиф и неговите браќа“, „Смрт во Венеција“, „Тонио Крегер“, „Марио и магионичарот“, „Закон“, „Старо и ново“... 1898.- Во Марибор е роден Ханс Ем, најстариот член на МАНУ. Во 1972 година бил избран за дописен член, а во 1976 година за редовен член на МАНУ. Умрел во Скопје, на 9 јули 1992 година. 1901.- Роден е индонезискиот државник Ахмед Сукарно, прв претседател на Индонезија под чие раководството земјата се стекнала со независност, еден од лидерите на Движењето на неврзаните. 1903.- Во Тбилиси е роден Арам Илич Хачатуријан, композитор од ерменско потекло. Познати му се балетите „Гајане“ и „Спартак“, како и концертите за клавир, симфонии и друго. Умрел во Москва, во 1979 година. 1932.- Во Крива Паланка е родена Милица Стојанова, македонска театарска, филмска и телевизиска актерка. По завршувањето на Средната театарска школа во Скопје, работела во Радиодрамата во Скопје, а потоа во Драмата на МНТ од 1953 до 1964 година. Од 1964 година па се до пензионирањето била во Драмскиот театар во Скопје. Добитник е на повеќе високи признанија - на највисоката Републичка награда „11 Октомври“ за ролја и за животно дело, потоа на Наградата на градот Скопје „13 Ноември“, на Стериината награда на Театарските игри во Нови Сад , како и на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Два пати била прогласена за артист на годината од страна на ревијата „Екран“ од Скопје. 1946.- Умрел германскиот писател Герхарт Хауптман, добитник на Нобеловата нарада за литература во 1912 година. Дела: „Пред зората“, „Даброво крзно“, „Зимска балада“, „Црвениот петел“, „Роза Бернд“, „Глувци“, „Чувар на пругата Тил“. 1948.- Умрел францускиот хемичар и индустријалец Луј Лимиер, пионер на светската кинематографија, кој заедно со својот брат Огист ја направиле првата филмска камера и во Лион основале фабрика за изработка на фотографски материјали. Браќата ја измислиле и постапката за снимање во природни бои. Во париската кафена „Гран кафе“ на 28 декември 1895 година ја приредиле првата филмска претстава во светот („Влегување на возот во станица“, „Работниците излегуваат од фабрика“). 1951.- Во Скопје, на иницијатива на Македонци повратници од странство, културни и општествени работници, во и надвор од Република Македонија, во форма на здружение на граѓани била регистрирана „Матицата на иселениците од Македонија“. 1956.- Роден е шведскиот тенисер Бјорн Борг, кој беше петпати победник на турнирот во Вимблдон, најпрестижниот тениски „грен слем“ натпревар. 1961.- Умрел швајцарскиот психијатар Карл Густав Јунг. Дела: „Психолошки видови“, „Психологија и религија“, „Симболика на духот“, „Аион“, „Алхемиски студии“. 1968.- Умрел американскиот сенатор Роберт Френсис Кенеди, врз кого претходниот ден пукал палестинскиот терорист Сирхан Сирхан. Неполни пет години пред тоа, исто така во атентат, беше убиен неговиот постар брат, претседателот на САД Џон Кенеди. 1981.- Во дотогаш најголемата железничка несреќа во светот загинале најмалку 800 луѓе кога седум вагони на пренатрупаниот патнички воз излетале од пругата и паднале во реката Кос во државата Бихар во Индија. 1982.- Израел почнал инвазија врз Либан настојувајќи да го искорени изворот на палестинскиот тероризам. По тригодишната окупација иако ги повлекол главните сили од Либан, го задржа граничниот појас внатре во таа земја за да го заштити северен Израел од арапските напади. 1995.- Во Јужна Африка била укината смртната казна. 2004.- На одбележувањето на 60-годишнината од навлегувањето на сојузниците во Нормандија, на прославата на денот Д со државници на земјите на антинацистичката коалиција првпат од завршувањето на Втората светска војна присуствувал и еден германски канцелар. 2006.- Умре Бил Престон, американски музичар од афроамериканско потекло. Престон соработувал со Битлси на снимање на албумите "Let It Be" и "Abbey Road". Автор е на песната "You are so beautiful", која во интерпретација на Џо Кокер стана светски хит. Настапувал со најголемите имиња од светската рок-сцена: Ролингстонси, Ерик Клептон, Боб Дилан, Квинси Џонс. 2012.-  Јапонскиот принц Томохито, прв братучед на царот Акихитo, починал во Токио на 67-годишна возраст.  Царската палата не ја соопштила причината за смртта на Томохито, но познато е дека тој боледувал од неколку болести меѓу кои и рак на грлото. Јавноста го нарекувала „брадест принц“, поради неговата бујна брада, невообичаена за припадниците на јапонското царско семејство. ###

Остани поврзан