• петок, 22 ноември 2024
На денешен ден
4 ноември 2022 (МИА) 1307.- Швајцарските кантони прогласиле дека не ја признаваат хабзбуршката власт, што подоцна било почеток на швајцарската држава. 1650.- Роден е англискиот крал Вилијам III, кој во текот на влаедењето од 1689 до 1702 година помогнал во јакнењето на граѓанските и деловни кругови и општо во капиталистичкото стопанство. За време на неговото владеење Англија повторно ја зазела Ирска. 1840.- Роден е Огист Роден, француски скулптор. Се смета за основоположник на модерната европска скулптура. Неговата најголема заслуга е внесувањето на психолошкиот елемент и последното третирање на скулпторската материја и на фигурата. Светлината е значаен фактор во неговата скулптура. Најпознати му се делата: „Мислител“, „Бакнеж“, „Граѓаните на Кале“, „Балзак“ и други. Умрел на 17 ноември 1917 година. 1814.- Прогласен бил норвешкиот Устав, со кој оваа земја станала независно кралство, поврзано со Шведска само преку персонална линија. 1847.- Умрел германскиот композитор и диригент Феликс Менделсон, основач на конзерваториумот во Лајпциг, истакнат претставник на романтизмот. Како пијанист дебитирал на девет години, а на 15 години ја напишал првата симфонија. На 16 години напишал мајсторско дело, сценска музика за „Сонот на летната ноќ“. Дела: „Шкотска“, „Италијанска“, „Хебриди“ или „Фингаловата пештера“, „Песни без зборови“, „Концерт за виолина и оркестар во е-мол“; соло песни, камерна музика и други. 1890.- Во Лондон била отворена првата линија на подземната електрична железница во светот - метро. Второто метро во светот, а прво на европскиот континент било будимпештанското, отворено во 1896 година. 1918.- Во Првата светска војна загинал англискиот писател Вилфред Овен, во чија поезија најсилно ги осудувал воените ѕверства. Значително влијаел врз модерните англиски поети, посебно на Вистан Хју Одн и Стивен Спендер. 1918.- Силите на Антантата се согласиле со условите за капитулација на Германија во Првата светска војна, заснована на „14 точки“ предложени од претседателот на САД Вудро Вилсон. 1921.- Јапонскиот премиер Такаши Хар бил убиен во атентат. 1922.- Во долината на кралевите кај Луксор во Египет, англискиот археолог Хауард Картер го открил гробот на фараонот Тутанкамон. 1931.- Друштвото на народите ја обвинило Јапонија за агресија врз Манџурија, а напуштањето на организацијата во март 1933 година уследило како одговор на Јапонија на осудата од страна на светската јавност. 1939.- На барање на претседателот Френклин Рузвелт, Конгресот го донесол законот за продажба на воени материјали врз основа на принципот „плати па носи“, што бил првиот чекор на САД за влез во Втората светска војна. Во март 1941 година тој закон бил заменет со нов - за заем и наем - со уште поголеми привилегии за земјите кои се бореле против нацизмот. 1944.- Единиците на НОВ на Македонија по борбите што ги воделе на приодите кон Битола го ослободиле градот. 1946.- Основана била УНЕСКО (Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура) заради решавање на проблемите со образованието во земјите погодени во Втората светска војна. Подоцна задачите на УНЕКСО биле проширени, посебно во заштита на културното и историското богатство и размената на научни работници и публикации. 1852.- Републиканецот Двајт Ајзенхауер победил на изборите за претседател на САД, кој за време на двата четиригодишни мандата не се истакнал посебно. 1956.- Советската армија ја задушила буната во Унгарија и наместо Имре Наѓ, кој засолниште побарал во амбасадата на Југославија, претседател на владата станал Јанош Кадар. 1966.- Најголемите поплави во историјата на Италија се случиле на третина од нејзината територија при што штетите биле огромни. Во древниот град Фиренца значително било оштетено културното богатство. 1979.- Исламски студенти во Техеран ја окупирале амбасадата на САД при што 52 службеници држееле 444 дена како заложници барајќи да им биде испорачан шахот Реза Пахлави, кој во тоа време се наоѓал во болница во Каиро. 1980.- За претседател на САД бил избран републиканецот Роналд Реган, кој на оваа функција останал два мандата, бидејќи ги добил изборите и во 1984 година. 1984.- Првите слободни избори во Никарагва завршиле со победа на Сандинистичкиот фронт кој освоил 68 отсто од гласовите. 1995.- Убиен бил израелскиот претседател Јицак Рабин, во моментот додека го напуштал мировниот митинг во Тел Авив на кој говорел. Бил шеф на владата од 1974 до 1977-та, и од јуни 1992-та до убиството. 2000.- Умрел Миле Ангеловски, македонски новинар. Роден бил во селото Горна Бошва, Кавадаречко, во 1936 година. 2004.- Соединетите Американски Држави ја признале Република Македонија под уставното име. 2015.- Умрел Методија Тошевски, поранешен главен државен ревизор (1999-2005), поранешен министер во Владата на Република Македонија и човек кој ги удрил темелите на работењето на Државниот завод за ревизија. 2016.- На 87-годишна возраст умре францускиот композитор Жан-Жак Пери, кој важи за пионер на електронската музика. Својата музичка кариера Жан-Жак Пери ја започна на 50-те години на минатиот век и тој беше меѓу првите европски музичари кои ги прифатија електронските инструменти. Во почетокот на 60-те години се пресели во САД, каде во 1965 почна да соработува со композиторот Гершон Кингсли си кого сними два популарни албуми „The In Sound From the Way Out“ во 1966 и „Kaleidoscopis Vibrations: Electronic Pop Music From Way Out“ во 1967 година. Жан-Жак е коавтор и на познатите џинглови кои се свират во Дизниленд, а неговата музика се појави во повеќе реклами и телевизиски серии, меѓу кои и „Симпсонови“ и „Саут Парк“. ###

Остани поврзан