• петок, 22 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
30 април 2020 (МИА) 311.- Римскиот цар Константин Први Велики со Миланскиот едикт го признал христијанството во Римското царство. 1563.- Кралот Шарл Деветти ги протерал Евреите од Франција. 1789.- Џорџ Вашингтон положил заклетва како прв претседател на САД. 1803.- САД од Наполеон Бонабарта, тогаш „доживотен конзул“ на Франција, кој бил во финансиска криза, ја купиле Луизијана. Истиот ден во 1812 година, Луизијана станала 18-та сојузна држава во САД. Луизијана  опфаќала територија од повеќе сегашни сојузни држави во САД.   1870.- Роден е австрискиот композитор со унгарско потекло Франц Лехар, најзначаен претставник на виенската оперета во првата половина на 20 век. Негови најпознати оперети се „Веселата вдовица“, „Грофот од Луксембург“ и други. 1883.- Роден е чешкиот писател Јарослав Хашек кој светската слава ја стекна со недовршениот хумористичко-сатиричен роман „Доживувањата на добриот војник Швејк во светската војна“, во кој ги исмејува општите прилики во Австроунгарија како и бесмисленоста, бруталноста и лудилото на војната. Швејк е лик на човек од народот под чија маска се кријат бројни видови народни мудрости. 1883.- Умрел францускиот сликар Едуар Мане. Делата му се изработени во масло, а меѓу најпознатите се портретите на Емил Зора, Жорж Клеменсо, Стефан Маларме и Марсел Пруст. Останати дела: „Појадок на трева“, „Бал во Фоли-Бержер“, „Балкон“, „Олимпија“. 1893.- Роден е германскиот дипломат Јоаким фон Рибентроп, долгогодишен министер за надворешни работи на Хитлерова Германија. Меѓународниот суд во Нирнбег го осудил на смрт поради сторени злосторства во Втората светска војна. Бил обесен во 1946 година. 1900.- Хаваи станале составен дел на САД. 1903.- Во Солун се самоубил Орце Попјорданов, еден од организаторите на Солунските атентати. По минирањето на Отоманската банка, водел неколкучасовна борба против османлиската војска. 1945.- Водачот на Третиот рајх и на нацистичка Германија и еден од најголемите злосторници во историјата на човештвото, Адолф Хитлер, откако ја слушнал веста на Радио Москва дека единиците на Црвената армија истакнале црвено знаме на Рајхстагот, изврши самоубиство во својот бункер во Берлин. 1989.- Умрел италијанскиот филмски режисер Серџо Леоне. Негови најпознати филмови се „Колосот од Родос“, „За грст долари“, „Се викам Нико“, „Било еднаш на Дивиот запад“, „Се случи во Америка“ и други. 1991.- Циклон во Бангладеш усмртил најмалку 125.000 луѓе. 1993.- На тениските терени во Хамбург првата ѕвезда на светскиот тенис Моника Селеш, тогаш југословенска државјанка, со нож била ранета од наводно пореметен навивач на германската тенисерка Штефи Граф. Напаѓачот останал неказнет, благодарение на скандалозната пресуда на германскиот суд. 1995.- Американскиот претседател Бил Клинтон наредил прекин на трговијата со Иран и ги забранил инвестициите во таа земја, обвинувајќи го Техеран дека го поддржува меѓународниот тероризам. 2000.- Во Земскиот антенски центар Нова Брезница, Скопско, била пуштена сателитската програма МРТ-МКТВ САТ, пред се наменета за македонските граѓани што работат и живеат во странство. 2004.- Естонија, Летонија, Литванија, Кипар, Малта, Унгарија, Полска, Словачка, Словенија и Чешка станале полноправни членки на ЕУ, со што тогаш бројот на земјите-членки се зголемил на 25, а ЕУ со 450 милиони жители станала најголем заеднички пазар во светот. 2006.- Умрел Џон Галбрајт, либерален економист и писател, професор по економија на универзитетот „Харвард“. Џон Галбрајт бил амбасадор на САД во Индија во времето кога претседател на САД бил Џон Кенеди. Еден од синовите на Глабрајт, Питер, бил американски амбасадор во Хрватска од 1993 до 1998 година. 2007.- Во кинескиот град Чангѕоу, во провинцијата Џинјангцу, свечено бил отворен за верниците најголемиот будистички храм во светот Тјанинг, кој е симбол на сеопштиот просперитет на Кина, како и на повторното оживување на традиционалниот будизам во таа земја. На церемонијата на отворањето на храмот присуствувале 108 поглавари на различни будистички асоцијации и храмови од целиот свет. 2013.- Холандскиот престолонаследник Виљем Александер (46) и официјално бил прогласен за крал, откако положил заклетва. Претходно неговата мајка кралицата Беатрикс (75) абдицирала во негова корист. Со свечениот чин Виљем Алексадер не станал само монарх на Холандија, туку и на Холандските Кариби. 2015.-­ На 76-­годишна возраст умрел познатиот соул пејач Бен Е. Кинг. Пејачот, кој живеел во Њу Џерси, се прославил со песната Stand by me, која во 1961 година стана светски хит. ###  

Остани поврзан