• недела, 22 декември 2024
На денешен ден
12 август 2021 (МИА)   1762.- Роден е Кристоф Вилхем Хуфеланд, германски лекар. Станал познат по делото „Макробиотика“, објавено во 1796 година, кое било преведено речиси на сите европски јазици и на кинески. Според тоа дело е наречена науката за зачувување и за одржување на здравјето. Умрел во Берлин, во 1836 година. 1848.- Во близина на градот Честерфилд умрел Џорџ Стивенсон, англиски пронаоѓач, „татко на железницата“, кој во 1814 година ја конструирал првата употреблива парна локомотива. Роден бил во Вајлем, кај Нукасл, на 16 октомври 1781 година. 1859.- Во Тутсвил, во американската држава Пенсилванија, случајно била пронајдена нафтата. 1900.- Во Велес е роден Ганчо Хаџипанзов, македонски револуционер и поет. Од неговото поетско творештво е позната само поемата „Ќе се вратам“. Се борел во интернационалните бригади во Шпанската граѓанска војна (1936-1939). Загинал при одбраната на Мадрид, на 19 ноември 1936 година. 1903.- Околу 15.000 турски војници и башибозук под водство на Бахтијар-паша почнале офанзива против Крушево и Крушевската република. Штабот на крушевските востаници, по добиениот ултиматум од Бахтијар-паша, за да се предадат одговорил: „Востанавме за да се бориме за извојување на слобода за Македонија, а не да се предаваме“. Но, кога градот се нашол во безизлезна состојба, штабот наредил востаниците да се повлечат со цел да се зачува градот од разурнување. Во жестоката битка загинале 32 востаника. Меѓу нив неколкумина се самоубиле. Крушевската република паднала утредента, по борбите на преминот Слива и во месноста Мечкин Камен. 1905.- Во Велес е роден Бане Андреев - Ронката. Беше член на КПЈ, на АВНОЈ и на АСНОМ, а од 1949 година партиски и воен раководител. Во 1949 година бил обвинет за недоследност во оживотворувањето на политиката на КПЈ и бил исклучен од партијата. Во 1960 година повторно бил примен во редовите на СКЈ. Умрел во Белград, на 31 октомври 1980 година. 1928.- Умрел Леош Јаначек, чешки композитор. Најголемиот дел од животот го поминал во Брно, каде што основал школа за оргули и работел на Конзерваториумот за музика. Основен принцип на неговиот композиторски стил претставува примената на моравскиот музички фолклор. Роден бил во 1854 година. 1945.- Основано било македонско Лекарско здружение. 1955.- Во Цирих умрел Томас Ман, германски писател. Негови назначајни дела се „Бунденброкови“, „Доктор Фауст“, „Волшебниот рид“ и други. Во 1929 година ја добил Нобеловата награда за литература, а во 1949 година Гетеовата награда. Роден бил во Лајпциг, на 6 јуни 1875 година. 1982.- Во Лос Анџелес умрел Хенри Фонда, американски филмски актер, еден од великаните и легендите на Холивуд. Роден бил во Гренд Ајленд, на 16 мај 1905 година. 1990.- Во Скопје бил осветен Соборниот храм на автокефалната Македонска православна црква „Свети Климент Охридски“. 1990.- Во Скопје била основана Партијата за целосна еманципација на Ромите од Македонија. За претседател бил избран Фаик Абди. 1993.- Сојузот на книжевните преведувачи на Македонија бил примен во редовното членство на Меѓународната организација на преведувачите (ФИТ) и станал 19-ти член на Регионалниот преведувачки центар за Европа. 2000.- Во несреќа на руската нуклеарна подморница „Курск“ на околу 120 наутички милји североисточно од Мурманск, која по две силни експлозии потонала на дното на Баренцовото Море на последниот ден на големите поморски маневри на Северната флота на руската воена морнарица, загинале сите 118 членови на екипажот. 2004.- Во Грција бил пуштен во сообраќај мостот Рио-Антирио, најдолгиот висечки мост на челични јажиња во светот, кој го поврзува полуостровот Пелопонез со остатокот на грчкото копно, долг 2.250 метри. 2015.- Севернокорејскиот прв вицепремиер Чое Јонг-гон бил погубен поради изразување незадоволство со политиката на лидерот Ким Џонг-ун. Наредбата за неговата егзекуција била издадена во мај лично од севернокорејскиот лидер. Како причина за стрелањето на Чое се наведувала неговата критика кон политиката на раководството во Пјонгјанг во областа на шумското стопанство.   ###

Остани поврзан