• петок, 22 ноември 2024
На денешен ден
7 април 2022 (МИА)   - Денеска е Светски ден на здравјето. Во 1948 година стапил во сила Уставот на Светската здравствена организација. 1348.- Во Прага бил основан Универзитет, прв во централниот дел на Европа. 1614.- Умрел шпанскиот сликар и вајар од грчко потекло Ел Греко. Од родниот Крит преку Венеција, каде што учел да слика кај Јакоп Тинторето, и Рим пристигнал во шпанскиот град Толедо во кој живеел 37 години и останал до смртта. Тој најмногу сликал портрети и обработувал религиозни теми. Негови најпознати дела се „Погребот на грофот Оргаза“, „Духови“, „Лаокон“, „Толедо“ и други. 1770.- Роден е англискиот писател Вилијам Вордсворт, чија поезија го означи преминот од класицизмот во романтизмот. Централна тема на неговата лирика е описот на чувствувањето на мистичната поврзаност со природата. Негови познати дела се збирката песни „Лирски балади“ и стихуваната автобиографија „Прелудиум“. 1772.- Роден е францускиот економист Шарл Фурие, социјалист-утопист кој сметал дека капитализмот е „асоцијален“ бидејќи во него поединците се во постојана војна едни со други. Дела: „Новиот индустриски и општествен свет“, „Теорија на четири проекти“, „Собрани дела“. 1915.- Родена е американската пејачка Елинора Фејгн, позната како Били Холидеј, наречена „кралица на џезот и блузот“. Според музичките критичари, се уште ниту еден џез-пејач не се доближил до нејзините интерпретации. 1939.- Фашистичка Италија започнала инвазија врз Албанија. Земјата била заземена без ниеден испукан куршум. 1939.- Роден е американскиот филмски режисер, сценарист и продуцент Френсис Форд Копола, еден од најзначајните филмски творци во САД во втората половина на 20 век, добитник на пет Оскари и две „Златни палми“ на фестивалот во Кан. Ги режирал филмовите „Деменција“, „Сега си голем дечко“, „Долината на среќата“, „Кум“, „Кум II“, „Кум III“, „Големиот Гетсби“ и други, а сценарио напишал за „Њујоршки приказни“, „Кум“, „Деменција“ и други филмови. 1945.- Американските авиони во Втората светска војна го потопиле најголемиот јапонски воен брод „Јамато“. 1947.- Умрел американскиот автомобилски магнат Хенри Форд, кој најмногу придонесол за развојот на автомобилизмот. Првите „бензински кочии“ ги конструирал во 1896 година, а од 1899 година произведувал автомобили. Прв го вовел сериското производство, а во 1908 година го создал „моделот Т“, првиот „народен автомобил“. 1953.- Во Белград умрел Димитар Влахов, македонски револуционер, политичар и публицист. Повеќе децении бил присутен на македонската историска сцена во борбата на македонскиот народ за национално и социјално ослободување. Роден бил во Кукуш, Егејска Македонија, на 8 ноември 1878 година. 1963.- Донесен бил уставот со кој називот Федеративна Народна Република Југославија бил сменет во Социјалистичка Федеративна Република Југославија, а Јосип Броз бил прогласен за доживотен шеф на државата. 1966.- Од Средоземното Море кај шпанскиот брег била извадена американска хидрогенска бомба, која паднала од авион поради техничка грешка. 1980.- САД ги прекинале дипломатските односи со Иран. 1990.- Фериботот „Скандинавска ѕвезда“ бил зафатен со оган во текот на крстарење во Северното Море меѓу Норвешка и Данска и во несреќата загинале 158 луѓе. 1992.- САД ги признале како независни држави поранешните југословенски републики Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина. 1994.- Во текот на судирите меѓу припадници на војската, полицијата и бандите во главниот град на Руанда, Кигали, бил убиен премиерот Агата Увилингијиман. 2005.- По речиси шест децении, откако во 1947 година била повлечена границата меѓу Индија и Пакистан во Кашмир, отворена била автобуска линија меѓу престолнините на индискиот и пакистанскиот дел на Кашмир, Шринагар и Музафарабад. 2006.- Во северен Багдад, во три експлозии на бомбаши-самоубијци внатре и пред шиитска џамија загинале 70 луѓе, а биле ранети 158 лица. 2019.- Почина светски познатиот актер Сејмор Касел. Актерот својата актерска кариера ја започна пред 50 години, а бил дел од 200 филмски проекти. Имаше улоги во филмовите “Rushmore”, “The Royal Tenenbaums” и “The Life Aquatic with Steve Zissou”. Тој од бракот со својата сопруга од која се разведе има три деца. Ќе остане запаметен и по тоа што тој му го даде прекарот на Слеш од „Guns’n’Roses”, додека тој се дружел со син му.   ###

Остани поврзан