• четврток, 21 ноември 2024
На денешен ден
3 ноември 2021 (МИА)   1493.- Шпанскиот морепловец Кристофер Колумбо го открил островот Доминика. 1534.- Англискиот парламент ја признал црковната власт на кралот Хенри VIII, кој по раскинувањето со ромокатоличката црква станал поглавар на нововостановената англиска црква. Поглаварот на англиската црква традиционално бил монарх, дури и ако е во прашање жена. Претходно папата одбил да го поништи бракот на кралот со Катарина Арагонска, што предизвикало прекин на односите меѓу Рим и Лондон. Хенри VIII се женел повеќе пати бидејќи немал машки наследник. 1852.- Роден е јапонскиот принц Муцухито, кој како цвар од 1867 година Јапонија ја преобразил во моќна и модерна држава, со почетна империјална експанзија. Го преместил престолот од Кјото во Едо, кој подоцна го преименувал во Токио. 1901.- Во Париз е роден Андре Марло, француски писател, есеист, теоретичар и историчар на уметноста. Учествувал во Кинеската револуција и во Шпанската граѓанска војна. Кога Хитлер ја нападнал Франција, веднаш бил мобилизаран, но набрзо бил заробен. Успеал да побегне од заробеништво и станал еден од најпознатите команданти на отпорот. Негови дела се романите „Кралски пат“, „Освојувачи“, „Човековата судбина“ и најпознатото - „Антимемоари“. Умрел во Париз, на 23 ноември 1976 година. 1903.- Колумбиската провинција Панама, по бунтувањето кое го иницираа САД и впловувањето во колумбиските води на американскиот крстосувач „Нешвил“, се отцепи од Колумбија и прогласи независност. САД го режираа бунтувањето со цел поевтино да дојдат до зоната на каналот кога беше одлучено истиот дефинитивно да се доврши. Првиот брод помина низ Панамскиот канал во август 1914 година. 1906.- Германскиот психијатар Алојз Алцхајмер го објави извештајот под наслов „За чудната болест кортекс“. Според него подоцна е наречена болеста која тој ја откри. Неговите колеги веднаш не ја сфатиле важноста на неговото откритие, но еден век подоцна Алцхајмеровото име е признато и познато во целиот свет. 1912.- Роден е Алфредо Штреснер, кој бил долгогодишен диктатор во Парагвај. Бил син на германски имигрант и парагвајска селанка, владеел 35 години, од 1954 кога дошол на власт со државен удар, до сменување со воениот пуч во 1989 година. Штреснер со децении им давал прибежиште на големите нацистички офицери по Втората светска војна. 1918.- Во Падова, Италија, австро-унгарската војска потпишала капитулација, со што практично се распаднала Австро-унгарската монархија. 1944.- На предлог на Поверенството за просвета, Президиумот на АСНОМ донесол решение за отворање на гимназии во градовите: Скопје, Битола, Штип, Куманово, Прилеп, Струмица, Тетово, Велес и Охрид. 1946.- По поразот во Втората светска војна, власта во Јапонија од царот преминала во јапонското собрание. Традиционална Јапонија многу тешко ја прифатила оваа промена бидејќи царот (микадо) во земјата се сметал за боженство. 1957.- Советскиот сојуз го лансирал „Спутњак 2“ првиот сателит кој со себе носел живо суштество, кучето „Лајка“. 1951.- Со посебна уредба на владата на НР Македонија бил формиран Отсекот за правни науки при Правно-економскиот факултет во Скопје. На 1 јули 1956 година Отсекот за правни науки се одвоил како посебна високообразовна институција. 1961.- Генералното собрание на Обединетите нации, по смртта во авионска несреќа на Швеѓанецот Даг Хамаршелд, едногласно го избрало бурманскиот дипломат У Тант за генерален секретар на оваа Светска организација. 1962.- СССР успешно ја лансирал првата вселенска сонда во насока кон Марс. 1964.- Демократот Линдон Џонсон станал претседател на САД победувајќи го кандидатот на Републикатанската партија Бари Голдвотер. 1965.- Излегол првиот број на „Народен глас“, весник на општина Прилеп. Во почетокот излегувал на 15 дена, а потоа излегувал редовно секој петок. Го издавал Центарот за печат, радио и телевизија Прилеп. „Народен глас“ излегувал и во текот на НОВ. 1970.- Салвадор Аљенде, кандидат на Народниот фронт, како прв марксист во западната хемисфера избран на слободни избори, ја презел должноста претседател на Чиле. Убиен бил во 1973 година во државниот удар, кога со помош на САД власта ја приграбил генералот Аугусто Пиноче. 1978.- Британската колонија, Островот Доминика, станал независна држава. 1989.- Во Сремска Каменица умрел Никола Солдатов, познат македонски новинар и долгогодишен ТВ коментатор. Тој бил еден од основачите на Спортската редакција на Телевизија Скопје и како врвен ТВ репортер се вбројува во доајените на македонското спортско новинарство. Роден бил во 1926 година. 1992.- Кандидатот на Демократската партија Бил Клинтон на изборите за претседател на САД го победил дотогашниот претседател на државата, републиканецот Џорџ Буш. 1992.- Генералниот конзул на Сојузна Република Германија во Скопје, Ханс Лотар Штефан, преку Министерството за односи со странство, ја известил Владата на Република Македонија, дека позитивно го решила нејзиното барање за отворање на Генерален конзулат на РМ во Бон. 1993.- Република Македонија добила статус на набљудувач во ГАТТ - Меѓународен договор за трговија и царински тарифи. Пристапувањето кон овој договор значело и добивање третман на најповластена нација и прифаќање на принципот на недискриминација. Исто така се отворила можност за институционално решавање на трговските и царинските спорови во сферата на размената. 1996.- Умрел поранешниот самопрогласен централноафрикански цар Жан Бедел Бокасa, кој на власт дошол по воениот удар во 1966 и во 1972 година се прогласил за доживотен претседател, а од 1976 година за цар. Со военот удар го урнал својот близок роднина, претседателот Давид Дакo, а во 1977 година за церемонијата на крунисување потрошил четвртина од бруто-националниот производ на земјата, менувајќи го називот од Централноафриканска република во Централноафриканско царство. Владеел со неверојатна екстравагантност, расипување на државата и имотот и со злодела врз сопствениот народ. Повремено се самопоставувал за претседател на владата, министер за одбрана, правда, информации, земјоделство и за сточарство, здравје, воена и цивилна авијација, на државниот копнен, речен и воздушен сообраќај, пошта и телекомуникации, трговија, индустрија, рударство. Од власт во 1979 година го соборил претседателот Дако, кој потоа го укинал таканареченото царство. 1997.- На Крит, во Грција, на 3 и 4 ноември бил одржан првиот самит на шефовите на држави или влади на земјите од Југоисточна Европа - Грција, Турција, Македонија, Бугарија, Југославија, Романија и Албанија. 2004.- Републиканецот Џорџ Буш, по вторпат бил избран за претседател на САД. Џорџ Буш, кој бил 43-тиот американски претседател, на должноста стапил на 20 јануари 2001 година. Буш е син на Џорџ Буш постариот, кој бил претседател на САД од 1989 до 1993 година. 2004.- Меѓу повеќе од 100 милиони гласови на претседателските избори во САД, првпат во историјата, еден глас пристигнал дури од вселената. Гласот по електронски пат го испратил американскиот астронаут Лирој Чиао, кој престојувал во мисија на Меѓународната вселенска станица. Тој гласал преку „вселенскиот меил“ упатен на адреса на Контролната мисија на Американската агенција за вселенски истражувања (НАСА) во Хјустон, Тексас. Чиао, на тој начин, станал прв астронаут што гласал од вселената. 2004.- Хамид Карзаи бил и официјално прогласен за победник на историските избори за претседател на Авганистан. Во текот на претходните три години Карзаи бил на чело на привремената влада која била составена кон крајот на 2001 година откако САД го урнале талибанскиот режим во Кабул. 2014.- Новиот облакодер на Светскиот трговски центар, највисокиот во Њујорк, што бил изграден на местото на некогашните Кули-близначки, разурнати во нападите од 11 септември 2001 година ги примил првите посетители - службениците на издавачката компанија „Конде Наст“. Облакодерот има 104 ката, а неговата изградба чинела 3,9 милијарди долари. На неколку метри од новата зграда се наоѓа меморијалот и музејот во спомен на загинатите 2.753 лица од 11 септември 2001. Новиот облакодер e со височина од 541,30 метри и е раководен од организацијата „Даст“. Светскиот трговски центар во Њујорк вклучува пет кули, меморијал, музеј, центар за јавен транспорт, 550.000 метри квадратни површина и простории за културни манифестации. 2015.- Во Багдад на 71-годишна возраст умре Ахмад Чалаби, угледен ирачки политичар и водечки заговорник на американската инвазија од 2003 година во која беше соборен Садам Хусеин. Чалаби, секуларен шиитски политичар кој со децении живеел во егзил, бил водечки заговорник за инвазијата за соборување на Садам и давал лажни информации кои укажувале дека Ирак наводно поседува оружје за масовно уништување. Имал блиски врски со многумина од Бушовата администрација, кои го сметале за фаворит за лидер на Ирак по интервенцијата од 2003 година. По американската интервенција, тој, сепак, се разишол со Пентагон и главно бил маргинализиран од останатите ирачки челници, од кои многумина имале блиски врски со соседен Иран. Чалаби ја извршуваше должноста претседавач со парламентарниот комитет за финансии и претходно беше заменик премиер. ###

Остани поврзан