• петок, 22 ноември 2024
На денешен ден
9 мај 2021 (МИА)   - Денеска е Ден на Европа 1502.- Славниот џеновски морепловец Кристофер Колумбо, во служба на Шпанија, тргнал на четвртото и последно патување во новиот свет. Во Шпанија се вратил во ноември 1504 година, а умрел две години подоцна, незадоволен бидејќи го одминале ветените награди и почести. До последен момент Колумбо не знаел дека ја открил Америка. Бил уверен дека стигнал до источните брегови на Азија. 1800.- Роден е Џон Браун, американски фармер, борец за рамноправност на Црнците. На 2 декември 1859 година федералната американска војска го фатила тешко ранетиот Браун и го обесила. Неговата борба имала широк одзив и и претходела на Граѓанската војна (1861-1865) меѓу Северот и Југот на САД. 1805.- Во Вајмар умрел Фридрих Шилер, еден од најпознатите германски поети и драмски писатели. Во своите остварувања го истакнувал идеалот на достоинството, слободата, убавината и незадоволството од тиранијата. Автор е на драмите „Интрига и љубов“, „Разбојници“, „Дон Карлос“ и „Јованка Орлеанка“. Роден бил на 10 ноември 1759 година. 1873.- Роден е англискиот археолог Хауард Картер, кој во 1922 година ја открил гробницата на египетскиот фараон Тутанкамон. 1901.- Во Мелбурн бил отворен првиот Парламент на Австралија. 1903.- Умрел Пол Гоген, француски сликар. Сликал во духот на постимпресионизмот, симболизмот и фовизмот. Од делата познати му се „Месец и земја“, „Се викам Марија“, „Од каде доаѓаме? Кои сме? Каде одиме?“, „Белиот коњ“, „Никогаш повеќе“ и други. Роден бил во 1848 година. 1926.- Американците Ричард Брет и Флојд Бенет први го прелетале со авион Северниот пол, што било голем подвиг на младата недоволно сигурна авијација. 1927.- Канбера станала главен град на Австралија наместо Мелбурн. 1944.- Во Прилеп, во борба против бугарскиот окупатор загинале Кире Гавриловски - Јане и Круме Волнароски - Коља, народни херои на Југославија од Македонија. 1945.- Црвената армија ја ослободила Прага, главниот град на Чехословачка. 1945.- Во Берлин, нацистичка Германија го ратификувала актот за безусловна капитулација, потпишан во Ремс, Франција, на 7 мај 1945 година. Победата на антихитлеровската коалиција се одбележува на 9 Мај како Ден на победата над фашизмот. 1946.- Кралот Виторио Емануел Трети абдицирал и Италија станала Република. 1947.- Во Скопје, во Македонскиот народен театар била прикажана првата оперска претстава на македонски јазик. Тоа била операта „Кавалерија рустикана“ (или „Селска чест“ како што е запишано на првиот плакат) од италијанскиот композитор Пјетро Маскањи. Диригент бил Тодор Скаловски, режисер Бранко Поморишац, а корепетитор Петре Богданов - Кочко. 1955.- Сојузна Република Германија станала членка на НАТО. 1959.- Во Скопје умрел Борис Бојаџиски, македонски писател, новинар и публицист. Автор е на драмите „Дадовме збор“, „Дедо Мраз и кај нас“, „Милка“, на книгите раскази „Палавото зајаче“, „Првите цутови“, како и монографијата на народниот херој Орце Николов. Роден бил во Охрид, на 23 февруари 1915 година. 1994.- На воведната седница на првиот повеќерасен парламент Нелсон Мендела бил избран за прв црн претседател на Јужна Африка, со што бил завршен големиот скок од апардхејдот кон демократија. 1998.- Во Бирмингем, Велика Британија, се одржал 43 Фестивал на забавна музика во Европа - Песна на Евровизија, со учество на 23 земји (Евросонг 1998). На него, првпат учествуваше и Република Македонија која ја претставуваше Владо Јаневски со песната „Не зори, зоро“ на Глигор Копров. Јаневски освои 40 бодови и го освои 19 место. 2002.- Американскиот Конгрес им забрани влегување во САД на граѓаните на седум земји кои го поддржуваат и толерираат тероризмот - Ирак, Иран, Куба, Либија, Северна Кореја, Сирија и Судан. 2004.- Претседателот на Чеченија, Ахмад Кадиров загинал во експлозија на бомба, што ја поставиле чеченските исламски терористи на стадионот во градот Грозни. 2009.- Умрел Чак Дејли, кошаркарски тренер, творец на „Дрим тимот“ кој го сочинуваа ѕвездите како Џордан, Џонсон, Баркли, Бирд и кој на Игрите во Барселона во 1992 година ја освои олимписката титула. Важел за стручњак кој знаел од различни карактери да создаде хармоничен тим. Во 1994 година бил примен во Куќата на славните кошаркари. 2015.- Во оружена пресметка во кумановската Дива населба животот го загубиле осум припадници на Министерството за внатрешни работи, а четириесетина биле повредени. Акцијата завршила откако македонските специјални сили целосно ја неутрализирале и елиминирале терористичката група, од која дел им се предале на македонските власти. Во уличните борби низ тесниот и густо населен урбан дел на оваа приградска кумановска населба животот го загубија Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, припадници на специјалните единици на македонската полиција. Во оружената престрелка покрај осумтемина припадници на полициските сили, биле убиени и 10 припадници на вооружената група. ###

Остани поврзан