Надал: Ништо не ми недостасува од времето кога бев тенисер
- Рафаел Надал се појави во јавноста три месеци по неговиот последен меч. Легендарниот шпански тенисер ја доби наградата од познат медиум во Барселона.
![Надал: Ништо не ми недостасува од времето кога бев тенисер](https://mia.mk/images/20250204183531_big_730x400_62.webp )
Барселона, 4 февруари 2025 (МИА) - Рафаел Надал се појави во јавноста три месеци по неговиот последен меч. Легендарниот шпански тенисер ја доби наградата од познат медиум во Барселона.
Надал долго време се мачеше со повреди, обидувајќи се да биде конкурентен на најголемите турнири и покрај сите проблеми што ги имаше. Сепак, минатата година одлучи дека повеќе не може да издржи, па се прости од својот сакан спорт на Дејвис купот во Малага.
-Последните неколку години беа многу тешки, но токму тоа ми помогна сега ништо да не ми недостасува од времето кога бев тенисер, изјави Рафаел Надал.
Освојувачот на 22 Гренд слем титули истакна дека се наоѓа во „преоден“ период и се подготвува за животот што сака да го води во иднина.
Тој призна и дека сè уште чувствува болка - но дека сега може нормално да функционира.
-Чувствувам болка, но вистината е дека не се форсирам премногу во моментов. Сега можам да живеам со многу малку болка и ова ми е многу важно. На крајот на краиштата, нормалното кревање и спуштање по скали во секојдневниот живот ми се многу важни работи. Можам да живеам во мир, немам многу болки, додаде Шпанецот. дс
Фото: Архива