Наградени најредовните читатели во библиотеката „Илинден“ во Делчево
- Библиотеката „Илинден“ во Делчево и ова лето, по традиција, ги избра најредовните и најпосветените читатели, со цел афирмирање на читањето и поттикнување на љубовта кон книгата кај младите и возрасните.
Делчево, 27 август 2025 (МИА) – Библиотеката „Илинден“ во Делчево и ова лето, по традиција, ги избра најредовните и најпосветените читатели, со цел афирмирање на читањето и поттикнување на љубовта кон книгата кај младите и возрасните.
Во категоријата „најмал и најверен читател“ за лето 2025 година, библиотеката додели три награди.
- Нашата установа ги награди најмладите љубители на книгата Ема Стоименовска, Натали Захариевска и Давид и Јана Јовановски. Со оваа награда сакаме да покажеме дека љубовта кон книгата започнува од најрана возраст и да ги мотивираме сите деца да ја откријат магијата на читањето, велат од библиотеката.
Покрај најмалите, традиционално беа наградени и возрасните членови кои со својата посветеност и редовност ја истакнуваат важноста на читањето како дел од секојдневниот живот.
- За читатели на летото 2025 година беа избрани Верка Тодоровска, Стојанка Тодоровска и Весна Михајловска Симеонова. Со овие признанија го продолжуваме нашиот стремеж да ја промовираме библиотеката како културна институција која обединува, едуцира и инспирира, додаваат од „Илинден“ – Делчево.
Традицијата за избор на читател на летото библиотеката ја негува повеќе години, а наградите секогаш се доделуваат на крајот на август. вс/бак/
Фото: МИА