Наградени најактивните читателки во Делчево во пресрет на 8 Март
- Библиотеката во Делчево традиционално оддава признание на жени кои читаат континуирано.
Делчево, 5 март 2026 (МИА) - Во пресрет на Меѓународен ден на жената – 8 Март, Јавната локална библиотека „Илинден“ – Делчево традиционално ги награди своите најактивни читателки, одбележувајќи ја улогата на жените во промоцијата на културата на читање.
Како што информираа од библиотеката, жените и понатаму доминираат меѓу членството, а по тој повод секоја година се избираат и се наградуваат читателки кои во текот на годината покажале континуитет и голема љубов кон книгата.
Во рамки на годинашното одбележување, библиотеката избра три редовни читателки кои беа гости на установата и добија симболични подароци – цвеќе и книга. Наградени се: Марија Илиевска, Тања Лазаревска и Роза Дамјановска.
Од библиотеката изразија надеж дека наградените читателки и понатаму ќе останат редовни посетители и пример за љубовта кон читањето, потенцирајќи дека книгата има посебна моќ да инспирира и да поттикнува личен развој.
– Жената што чита никогаш не старее, таа постојано расте, порачуваат од библиотеката, истакнувајќи ја важноста на читањето како навика која ја збогатува личноста и општеството. вс/вј/
Фото: МИА