• понеделник, 23 декември 2024

Наградата „Ристо Шишков“ за Долорес Лео Поповиќ

Наградата „Ристо Шишков“ за Долорес Лео Поповиќ

Струмица, 14 септември 2024 (МИА) - Долорес Лео Поповиќ ја доби наградата за најдобро актерско остварување на 32. издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, кој синоќа заврши во Струмица. Наградата ја доби за улогата на на Ања во претставата „Кенди“, според романот на Лук Дејвис, во режија на Тамара Стојаноска, независна продукција „Златен Елец“ од Скопје.

Наградата, која се состои од златен медалјон со ликот на Шишков, парична награда во износ од 1.500 евра и плакета, ќе му биде врачена дополнително.

Одлуката на фестивалското жири ја образложи претседателот, ланскиот лаурет, Јордан Симонов, во кое покрај него играта на актерите ја оценуваа Билјана Крајчевска и Алксандар Ивановски.                           

-Бавејќи се со неопходноста на преиспитување и толкување на современоста,  преку  еден ненападен, суптилен актерски јазик Долорес Лео Поповиќ естетски го обликува проблемот и општественото-политичките односи во кои живееме, создавајќи автентичен  моќен лик што покрај актерска естетика и слобода во уметничкото креирање постанува клучно средство за постигнување и негување како на општествената така и на индивидуалната способност за емпатија, но и за постигнување на општествена акција, зашто уметноста – тетарот е оној којшто инспирира во изградбата на подобар и поправеден свет, рече Симонов.

Завесата на годинашното фестивалско издание ја спуштија актерите од Драмски театар од Скопје со претставата „Падот на Масада“ од Венко Андоновски во режија на Дејан Пројковски, која беше и последна претстава во официјална конкуренција.рт/лв/

Фото: МИА и ФКТ „Ристо Шишков“

Остани поврзан