Наградата „Карамонов 2023“ за поетите Ивица Челиковиќ и Јури Талвет од Естонија
- Македонскиот поет Ивица Челиковиќ и Јури Талвет од Естонија се добитници на книжевната награда „Ацо Караманов 2023“.
Радовиш, 6 октомври 2023 (МИА) - Македонскиот поет Ивица Челиковиќ и Јури Талвет од Естонија се добитници на книжевната награда „Ацо Караманов 2023“.
Оваа одлука ја донесе жири комисијата предводена од професор д-р Даниела Андоновска Трајковска и членовите Борче Панов и Славчо Атанасов.
Челиковиќ наградата ја добива за најдобар необјавен поетски ракопис од македонски автори и автори коишто пишуваат на македонски јазик, а Јури Талвет за книгата „Замисли правта да припаѓаше само на другата страна“, која ќе биде објавена тројазично и тоа на естонски, англиски и македонски јазик.
Според информацијата од јубилејните „50.Караманови средби“, на годинашниот конкурс се пријавиле 27 поети од државата, а поетскиот ракопис на Челиковиќ се одделил од останатите ракописи со својата оригиналност, актуелност, раскошна метафорика и рефлексија. Воедно оваа поезија се одделила и со широката панорама на метафизичкото како лајтмотив во тематската палета за падот на изгубените вредности на современата цивилизација.
Жири комисијата, во чест на големиот јубилеј, ја награди и книгата „Апосемична мимикрија“ од младата поетеса Димитра Десановска за најдобро дебитантско остварување и „Монологот на пирејот“ од Љубинка Донева како второпласиран ракопис заради исклучителните вредности на стихот како апологија на болката и патриотскиот патос.
Лауреатот Талвет и сите наградени поети ќе бидат промовирани на јубилејните 50. Меѓународни Караманови поетски средби кои ќе се одржат во периодот од 27 до 29 овој месец во Радовиш. рт/ац/
Фото: Караманови средби