МФ: Годинава се очекува раст од 4,1 и инфлација од 2,1 отсто
- Министерството за финансии, како што информира на денешниот брифинг со новинари министерот Фатмир Бесими, има конзистентен пристап за остварување на поставените цели за зголемување на растот
Скопје, 2 септември 2021 (МИА) - Според статистичките податоци и проекциите, државата годинава излегува од криза и влегува во раст и заздравување. Министерството за финансии оценува дека се стабилни очекувањата за раст од 4,1 проценти и инфлација од 2,1 процент годинава.
Министерството за финансии, како што информира на денешниот брифинг со новинари министерот Фатмир Бесими, има конзистентен пристап за остварување на поставените цели за зголемување на растот од 2,5 на 5 проценти, како и за фискалната консолидрација до 2026 година, односно јавен долг по 60 проценти и три проценти буџетски дефицит.
- Годинава нема да биде лесна и свесни сме за сите предизвици и за проекциите на Светска банка и ММФ за ковид и очекувањата на инвеститорите. Од аспект на приходите на буџетот се позитивни и очекување веќе во вториот квартал да излеземе од кризата, посочија од Министерството за финансии на денешниот брифинг.
Состојбата со јавниот долг заклучно со 30.06.2021 година, е дека изнесува 64,4 проценти, додека состојбата на државниот долг заклучно со 31.07.2021, што е последен податок, е дека тој изнесува 52 проценти.
Од Министерството за финансии потврдуваат дека цврсто стојат на својата заложба за стабилизирање на долгот и негово позиционирање ниво од 60 проценти од БДП, што е во рамки на мастришкиот критериум.
-На среден рок, односно до 2026 година, проекциите во Стратегијата за управување со јавниот долг се дека тој ќе се стабилизира и ќе се намали на 57,7 проценти, додека државниот долг ќе се сведе на 50,7 отсто, брифираат од МФ.
Капиталните расходи заклучно со 1.09.2021 година, изнесуваат 39,85 проценти. Во финансиски средства тоа изнесува околу 11,8 милијарди денари, што е повеќе споредено со минатата 2020 година, кога тоа изнесувало 7,7 милијарди денари.
- Ќе има подобрување во однос на минатата година, но не очекуваме нешто спектакуално. Ние го зголемивме финансиското учество во капиталните расходи, додека кај капиталните инвестиции мислам дека ќе успееме да бидеме во рамки на просекот. Годинава има и избори, што исто тката е ограничување и влијае на успената реализација, велат од МФ.
Во однос на барањата за нов пакет мерки, истакнуваат дека се во постојана комуникација со стопанството и дека следат и реагираат соодветно. Посочуваат дека со ребалансот на Буџетот биле предвидени средства за поддршка на компании групи во општеството со заеми, поддршка за плати, за извоз и развој, кои се уште се спроведуваат.
- Сега за сега во оваа фаза е тоа што е досега најавено и се реализира во согласнот со буџетски предвидената поддршка. Има мерки што се спроведуваат, брифираат од Министерството за финансии.
Во однос на најавената Стратегија за либерализација на пазарот на капитал, министерот Бесими на денешниот брифинг со новинари, кажа дека се уште се работи на развој на стратегијата со акцент на нови решенија за финансирање и кредитирање на економијата, меѓу кои и можноста граѓаните освен преку депозити во банките да учествуваат и инвестираат во капитални проекти и купуваат државни обврзници поврзани со конкретни проекти, но дека за тоа се неопходни и сет обуки и програми за информирање на граѓаните. аа/са/