МФА „Илинден“ од Канада освои прво место на меѓународен фолклорен фестивал во Шпанија
- Македонскиот фолклорен ансамбл „Илинден“ од Мисисага, Канада го освои првото место на Интернационалниот уметнички фестивал од натпреварувачки карактер во Лорет де Мар во Шпанија.

Скопје, 9 мај 2025 (МИА) - Македонскиот фолклорен ансамбл „Илинден“ од Мисисага, Канада го освои првото место на Интернационалниот уметнички фестивал од натпреварувачки карактер во Лорет де Мар во Шпанија.
- Овој триумф не е само победа за ансамблот, туку и историски момент за македонската култура oд дијаспората. „Илинден“ е првиот македонски фолклорен ансамбл од северноамериканскиот континент што постигнал вакво признание на интернационален натпреварувачки фестивал, во конкуренција на врвни ансамбли од Индонезија, Шпанија, Литванија, Индија, Латвија, Украина и други земји, стои во соопштението.
Ансамблот се претставил со фрагмент од сценската кореографија „Источна“, дело на доајенот Тофе Дракулески, со музика на Ѓорѓи Димчевски.
- Изведба што ја плени публиката со автентичност, динамика и сценска грандиозност, добивајќи највисоки оценки од меѓународното стручно жири, се вели во соопштението од Македонскиот фолклорен ансамбл „Илинден“.
Македонскиот фолклорен ансамбл „Илинден“, дел од Македонската православна црква „Св. Илија“ – Мисисага, постои од 1984 година и е еден од најзначајните културни столбови на македонската дијаспора во Канада. Под водство на претседателката и уметнички директор Марија Божиновска-Цветанова, која работи на меѓународната афирмација на групата и со професионалната и креативна кореографка Орхидеја Радевска, друштвото несебично работи на унапредување и интернационална промоција на македонската народна уметност.
Во изминатите децении, ансамблот има настапувано низ бројни градови во САД (Њујорк, Чикаго, Вашингтон, Акрон, Бафало, Детроит и др.), како и во Република Македонија, носејќи ја македонската традиција и фолклор со неизмерна љубов и професионализам. мд/са/
Фото: МФА „Илинден“ од Канада