Муцунски од Њујорк: Стратешкиот дијалог со САД предвидува низа мерки за унапредување на меѓусебните односи
- Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски осврнувајќи се на стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави, посочува дека тој подразбира низа конкретни мерки насочени кон унапредување на односите меѓу двете земји.
Скопје, 23 септември 2025 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски осврнувајќи се на стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави, посочува дека тој подразбира низа конкретни мерки насочени кон унапредување на односите меѓу двете земји.
-На средбата во мај со државниот секретар Марко Рубио дефиниравме заеднички приоритети поврзани со билатералните и мултилатералните релации, како и со засилената трговска и економска динамика. Чекор по чекор гледаме како тие приоритети се реализираат. Во рамките на дијалогот ќе отвориме повеќе теми, меѓу кои и визното олеснување – не ветуваме дека тоа ќе се случи веднаш, но веќе е ставено на маса во разговорите со администрацијата во Вашингтон, истакна Муцунски во интервју за Сител, говорејќи за билатералните односи со САД, втората сесија од стратешкиот дијалог и за интензивната политичка агенда во рамки на 80. Генерално собрание на ОН.
Тој се осврна и на сојузништвото со САД во НАТО и тековните преговори за нов трговски аранжман.
- Со нашите партнери во Алијансата споделуваме заеднички грижи за европските и глобалните предизвици, и секогаш е важно кога на високо ниво координираме ставови и разменуваме мислења. Во делот на тарифите, сме во завршна фаза на подготовка на ново решение кое ќе донесе пониски давачки – како општи, така и специјални за одредени производи што ги извезуваме во САД. Веќе имаме драфт-текст, преговорите се одвиваат успешно и очекувам наскоро конечна верзија која ќе ѝ биде презентирана на јавноста, додава министерот.
Муцунски ја истакна и важноста на бројните средби со светски лидери, посочувајќи дека тие се можност најдобро да се афирмираат принципиелните позиции на Владата по сите суштински и стратешки прашања. Тој информирал и за динамичната агенда во рамки на Генералното собрание на ОН, со акцент на билатералните контакти за унапредување на политичките и економските односи, како и на поставувањето нови приоритети од регионален и глобален интерес.
Ќе продолжиме на мултилатерално поле да ги користиме сите можности што ги има државата, бидејќи дипломатијата не треба да остане апстрактна – таа мора да носи конкретни придобивки за граѓаните, вели министерот Муцунски.паг/сст/
Фото: МНРиНТ