Муртезани: Уставни измени ќе има кога ќе се знае крајот на процесот
- Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска во Тетово изјави дека уставните измени ќе почнат да се реализираат во моментот кога ќе се добие сигурност како ќе изгледа крајот на тој процес. Муртезани ова го посочи по средбата со градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами.
Тетово, 4 ноември 2024 (МИА) - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска во Тетово изјави дека уставните измени ќе почнат да се реализираат во моментот кога ќе се добие сигурност како ќе изгледа крајот на тој процес. Муртезани ова го посочи по средбата со градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами.
-Во јавните настапи на меѓународните претставници меѓутоа и во извештајот на Европската комисија стои обврската за уставните измени за почнување на преговорите. Јас и премиерот Мицкоски во неколку наврати јасно сме кажале дека ништо не е спорно во суштината на уставните измени, меѓутоа ние сакаме да бидеме сигурни дека уставните измени нема само да го отворат процесот на преговори, туку дека тој процес ќе има крај. Во моментот кога ние ќе видиме дека процесот е обезбеден, уставните измени може да почнат да се имплементираат, изјави Орхан Муртезани.
Градоначалникот и претседател на Движење Беса, Биљал Касами, не даде мислење за уставните измени, а одговори на новинарско прашање дали очекува поддршка во Советот на Општина Тетово околу финансирањето на здружението албанска академија на науки и уметности.
-Ние сме зеле како обврска дека ќе ја поддржиме академијата, односно проект кој е важен за науката прво, па после за албанска наука. Се друго е процедура, техника, администрација. Ние кога сме одлучиле да го поддржиме овој проект, сигурно дека сме ги имале предвид сите можности за реализација на истиот. Се надевам дека како досега што сме имале одлична соработка до крај на овој мандат ќе ја имаме таа соработка на локално ниво, за сите проекти кои сме имале договор и соработка и понатаму ќе ја имаме таа соработка, истакна Касами.ас/са/
Фото: МИА