• недела, 22 декември 2024

Муртезани - Дука: Разгледани можностите за координација на Реформските агенди за заеднички пробив на европскиот пат

Муртезани - Дука: Разгледани можностите за координација на Реформските агенди за заеднички пробив на европскиот пат

Скопје, 11 ноември 2024 (МИА) - Работната посета на Тирана, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, ја заокружи со средбата со државниот министер и главен преговарач на Албанија со ЕУ, Мајлинда Дука.

Како што соопштија од Министерството за европски прашања, акцентот на разговорите бил ставен на тековните активности во евроинтегративниот процес на двете земји од аспект на Планот за раст на ЕК и Реформските агенди на двете земји, статусот на преговарачките структури како за пристапните преговори, така и за Реформската агенда и ги разгледале можностите за заеднички билатерални и регионални ЕУ проекти.

-Муртезани и Дука констатираа дека размената на искуства и експертиза меѓу двете земји во клучни реформски области, како што се владеењето на правото и борбата против корупцијата, би била исклучително полезна за сите инволвирани во евроинтегративниот процес. На состанокот се зборуваше и за можностите за координација на Реформските агенди преку заеднички унифициран и прилагоден пристап за ЕУ приоритетите. Соговорниците се согласија дека преку ваквата соработка, земјите ќе ја зголемат ефикасноста на реформите и ќе ја унапредат регионалната интеграција, се наведува во соопштението.

Министрите, се додава, ги истражиле и можностите за меѓусебна поддршка за заеднички регионални проекти, каде што двете страни можат да идентификуваат и поддржат заеднички проекти кои се комплементарни со целите на ЕУ и кои ја зајакнуваат регионалната соработка.

-Муртезани и Дука, како главни преговарачи за Северна Македонија и Албанија со ЕУ, се согласија тесно да соработуваат при обезбедувањето на финансирање од европските фондови, како и при промовирање на овие проекти како демонстрација на заедничката посветеност на европската интеграција, наведуваат од МЕП.

Министрите исто така размениле мислења и околу билатералната координација на преговарачките структури за ЕУ и Реформската агенда.

-Муртезани и Дука посочија дека се фокусирани на јакнење на капацитетите и осигурување дека преговарачките тимови за двете земји се добро подготвени за исполнување на условите за членство во Унијата. вг/дма/

Фото: Министерство за европски прашања

Остани поврзан