• сабота, 23 ноември 2024

Муртезани-Тигањ: Продлабочување на партнерството, особено во рамки на евроинтегративниот процес на Северна Македонија

Муртезани-Тигањ: Продлабочување на партнерството, особено во рамки на евроинтегративниот процес на Северна Македонија

Скопје, 30 септември 2024 (МИА) - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска се сретна со хрватската амбасадорка во земјава Нивес Тигањ.

На средбата, како што информира Министерството за европски прашања, беа реафирмирани долгогодишното пријателство и блиските односи меѓу двете земји, а беа разгледани и идните можности за билатерална соработка.

- Двете страни го истакнаа значењето на продлабочувањето на партнерството, особено во рамки на евроинтегративниот процес на Северна Македонија во Европската Унија, се вели во соопштението.

Министерот Муртезани ја подвлекол улогата на Хрватска како клучен партнер во развојот на заеднички билатерални проекти, со посебен акцент на пристапните преговори. Тој се осврнал на унапредување на соработката преку веќе воспоставените механизми како Твининг и TAIEX и истакнал дека Хрватска останува наш најголем партнер во Твининг проектите, и тоа во области како владеење на правото, климатски промени, животна средина и безбедност во авијацијата.

- Муртезани и Тигањ ги разгледаа модалитетите за формализирање на продлабочена билатерална соработка, преку техничка и експертска помош, која ќе обезбеди структуриран и континуиран дијалог со хрватските институции, со оглед на успешното интегративно искуство на Хрватска како последна земја која членка на Европската Унија, стои во соопштението. 

Од Министерството за европски прашања посочуваат дека во контекст на проширување на соработката, пристапувањето на Северна Македонија во INTERREG Adrion, INTERREG Euro-Med, URBACT IV и INTERREG Europe отвора нови можности за транс-регионална соработка. - Овие програми нудат широк опсег на ангажирање на учесници од национални институции, невладини организации, бизнис секторот и образовните институции, се вели во соопштението. мд/ац/

Фото: Министерство за европски прашања

Остани поврзан