Мурињо го сака Гундоган во Фенербахче
- Германскиот репрезентативец Илкај Гундоган е на листата на желби на новиот менаџер на Фенербахче, Жозе Мурињо, пренесуваат шпанските и турските медиуми.
Истанбул, 4 август 2024 (МИА) - Германскиот репрезентативец Илкај Гундоган е на листата на желби на новиот менаџер на Фенербахче, Жозе Мурињо, пренесуваат шпанските и турските медиуми.
Наводно, португалскиот стручњак би сакал во Истанбул да го донесе првотимецот на Барселона, кого многу го цени, а преговорите за реализација на овој трансфер веќе се започнати.
Медиумите не наведуваат колку пари е подготвен да плати Фенербахче, но се проценува дека пазарната вредност на Гундоган е околу 15 милиони евра, но не се исклучува можноста Германецот да пристигне на Босфор како позајмен играч.
Инаку, претставникот на „панцирите“ минатото лето пристигна во Барселона и одигра 51 официјален натпревар за Каталонците, при што постигна пет гола и забележа 14 асистенции.
Сепак, неговата иднина на стадионот „Ноу Камп“ не е светла, бидејќи договорот му истекува следната година, а новиот тренер Ханси Флик не го гледа како стандарден играч, што се виде и на пријателскиот натпревар против Реал Мадрид кога тој влезе од клупата на само 13 минути до крајот на натпреварот во кој Барса победи со 2:1. дс
Фото: Архива