• недела, 22 декември 2024

Мојсовски: Од струшкиот ракометен турнир произлегоа многу репрезентативци

Мојсовски: Од струшкиот ракометен турнир произлегоа многу репрезентативци

Скопје, 14 август 2023 (МИА) – Со учество на три странски екипи, од 16 до 19 август ќе се одржи 51-от Меѓународен турнир во Струга. Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски рече дека ова натпреварување е шанса за промовирање и афирмација на младите и талентирани ракометари кои ќе добијат шанса да се докажат во нивните тимови.

 

- Струшкиот турнир има голема традиција и е еден од најстарите на Балканот и во Европа. Тој е можност за промоција на млади играчи и перспективни репрезентативци. Ние како Агенција за млади и спорт сме покровител на овој турнир многу години и даваме поддршка како и во секој друг спорт. Ракометот е спорт број 1 во нашата држава а доказ за тоа е и освоеното 9.место на кадетската репрезентација на Светското првенство во Хрватска, успех на кој јас им честитам. Очекувам турнирот во Струга да помине во најдобро светло, истакна Мојсовски на денешната прес-конференција.

Покрај АМС, турнирот има поддршка и од Ракометната федерација на Македонија.

 

- РФМ во Струшкиот турнир гледа сериозно натпреварување кое се одржува години наназад. Даваме максимална поддршка. Имаме искуство од организациски аспект. Очекуваме интересен ракомет и уживање на љубителите на овој спорт, рече Филип Милошевски, генерален секретар на РФМ.

 

Екипите на турнирот ќе бидат поделени во две групи:
А-група: Алкалоид, АЕК (Грција) и Динамо Панчево (Србија).
Б-група: Вардар, Гуиф (Шведска) и Струга. зс/

Остани поврзан