Мото-рок фест, викендов на спортскиот аеродром Аџитепе во Куманово
- Во организација на мотоклубот „Мечки“ од Куманово викендов на 13 и 14 јуни ќе се одржи веќе традиционалниот „Мото рок фестивал“ на спортскиот аеродром Аџитепе. Подготовките привршуваат, организаторите очекуваат одлична посетеност на најголемиот рок настан во Македонија од балканските земји и пошироко, информираа денеска од мотоклубот. Програмата е целодневна, наменета за сите генерации. Кулминација се очекува во вечерните часови со настапи на бендови и групи од Балканот и САД.
Куманово, 9 јуни 2025 (МИА) - Во организација на мотоклубот „Мечки“ од Куманово викендов на 13 и 14 јуни ќе се одржи веќе традиционалниот „Мото рок фестивал“ на спортскиот аеродром Аџитепе. Подготовките привршуваат, организаторите очекуваат одлична посетеност на најголемиот рок настан во Македонија од балканските земји и пошироко, информираа денеска од мотоклубот. Програмата е целодневна, наменета за сите генерации. Кулминација се очекува во вечерните часови со настапи на бендови и групи од Балканот и САД.
На првата фестивалска вечер, на 13 јуни ќе настапат македонските бендови „Лектира“ и „Паркети“, по нив американскиот „The Hooten Hallers“ и на крај популарниот кумановски бенд „The Solution“. Втората фестивалска вечер, во сабота на 14 јуни ќе настапат македонските „Overload“, „Riff band“ од Србија, „Стрингси“ од Босна и Херцеговина, по што ќе следуваат српските „Деца из воде ЕКВ“ и Срѓан Жика Тодоровиќ.
-Целта ни е да го надминеме бројот од 20.000 посетители и повеќе од 3.000 мотори од цела Европа. Програмата е направена за публика од најмали до најстари, имаме програма за деца со аниматори за мали деца, ќе имаме игри и натпревари за „големи деца“, рече Столе Јакимовски, член на клубот.
Влезот е бесплатен, со обезбеден паркинг простор.
-Клубот покрај фестивалот, организира и хуманитарни настани. Одлична е соработката со СВР Куманово и со Црен Крст за акциите за поголема безбедност во сообраќајот, посебно за мотоциклистите, за важноста за носење на кацига и заштитна опрема, изјави Давор Петрушевски, еден од основачите на „Мечки“.
Мото Рок Фест е поддржан од општина Куманово, здружението „Коледари“ и приватни компании. Фестивалот успешно опстојува од 2008-та година со прекини за време на пандемијата. Моторџиите од „Мечки“ се добро познати во кумановската јавност при организација на хуманитарни активности наменети за ранливите категории граѓани. Во изминатиот период во соработка со нивни пријатели од Европа обезбедија донации и на болницата, за домот за стари лица … ам/сст/
Фото МИА