Монсунските дождови усмртија најмалку 28 лица во пакистанската провинција Пенџаб
- Според Обединетите нации, Пакистан, со повеќе од 240 милиони жители, е една од најпогодените земји во светот од климатските промени. Секоја година, стотици луѓе ги губат животите поради климатски предизвикани катастрофи, додека илјадници остануваат без домови и егзистенција.
Исламабад, 16 јули 2025 (МИА) – Најмалку 28 лица загинаа денеска во најнаселената пакистанска провинција Пенџаб, по силните монсунски дождови кои предизвикаа уривање на покриви, особено во руралните области, соопштија локалните власти.
- Загинатите се главно жртви на уривање на покриви во селските региони, изјави Фарук Ахмад, портпарол на покраинската спасувачка служба, додавајќи дека повредени се околу 90 лица.
Пенџаб е најголема провинција во Пакистан, каде милиони луѓе се занимаваат со земјоделство и живеат во села. Иако монсунските дождови се сметаат за благослов во овој период од годината, честопати предизвикуваат уривање на куќи изградени од кал и други нестабилни материјали.
Бројот на загинати од овогодинешните монсунски дождови досега надмина 150, а над 300 лица се повредени од почетокот на нестабилното време на 26 јуни.
Пакистанската метеоролошка служба предупреди дека се очекуваат нови обилни врнежи во јули и август, кои би можеле да предизвикаат излевање на реки, брзи поплави и големи штети во населени места.
Според Обединетите нации, Пакистан, со повеќе од 240 милиони жители, е една од најпогодените земји во светот од климатските промени. Секоја година, стотици луѓе ги губат животите поради климатски предизвикани катастрофи, додека илјадници остануваат без домови и егзистенција.
Во 2022 година, рекордните поплави усмртија над 2.000 лица, поплавија една третина од територијата на земјата и предизвикаа економска штета од околу 40 милијарди долари. ссм/
фото: ЕПА