• сабота, 21 декември 2024

Мониторирани 50 сакрални објекти во охридско-струшкиот регион, кај дел потребни се заштитни интервенции

Мониторирани 50 сакрални објекти во охридско-струшкиот регион, кај дел потребни се заштитни интервенции
Охрид, 1 јули 2022 (МИА) - На 50 цркви и манастири во охридско-струшкиот регион изминатите два месеци направен им е мониторинг за состојбата во која се наоѓаат, во рамките на проектот „Мониторинг на православното културно наследство“, кој го спроведува ИКОМОС Македонија во соработка со МПЦ-ОА, а со финансиска поддршка од Амбасадата на САД. Во Дебарско-Кичевската епархија, како што информира за МИА, Ана Алексова Тутковска историчарка на уметноста од Управата за заштита на културното наследство, која е дел од тимот, предвидено е да биде направен мониторинг на состојбата на вкупно 140 православни сакрални објекти. - Прелиминарно, мислењето на стручниот тим кој го прави увидот е дека досега мониторираните објекти се во релативно добра состојба. Односно, архитектурата на опфатените цркви и манастири е во добра состојба, додека состојбата на ѕидното сликарство и на иконостасите варира и за дел од нив е веќе констатирано дека е неопходно да се преземат одредени заштитни интервенции, изјави Алексова Тутковска. Препораките за превентивните и заштитните мерки за конзервација, појасни, ќе следуваат по завршувањето на севкупниот мониторинг, односно откако ќе биде согледана целосната состојба. Сега се во фаза на конципирање, а ќе бидат објавени во специјализирана база на податоци, која ќе биде достапна за јавноста откако ќе биде изработена и ставена во употреба. - Соработката и комуникацијата со надлежните лица од Дебарско-Kичевската епархија и со локалното население се одвива на највисоко ниво и без никакви пречки, што ветува успешна реализација на зацртаните теренски активности, забележа Алексова Тутковска. Мониторингот на православното културното наследство на територијата на Дебарско-Кичевската епархија го спроведува стручен тим составен од историчари на уметноста, археолог и конзерватори за архитектонско наследство и ѕидно сликарство. Проектот „Мониторинг на православното културно наследство“ треба да трае две години, го спроведуваат стручните членови на ИКОМОС Македонија организирани во теренски тимови, кои е предвидено да направат увид и оцена на актуелната состојба на 700 цркви и манастири во сите осум епархии на Македонската православна црква - Охридска Архиепископија.сс/свс/

Остани поврзан