• вторник, 24 декември 2024

Можно е до 2030 да станеме земја членка на ЕУ, но треба да постигнеме реален национален консензус

Можно е до 2030 да станеме земја членка на ЕУ, но треба да постигнеме реален национален консензус

Скопје, 13 јануари 2023 (МИА) – Можно е до 2030 година земјава да стане членка на ЕУ, но потребен е реален национален консензус од сите политички чинители во општеството, и тоа не под условите кои ние сме ги замислиле, туку под условите кои реално се на масата. Иако членството во ЕУ зависи најмногу од нас, не помалку значајно е и прашањето дали ЕУ ќе биде фокусирана на регионот по војната во Украина.

Ова беа дел од заклучоците на учесниците од вчерашната тркалезна маса на тема „Западниот Балкан помеѓу Западот и Истокот: Северна Македонија – членка на ЕУ до 2030 година“. Претседателот Стево Пендаровски е на ставот дека ние во моментов за жал немаме национален консензус да продолжиме кон ЕУ.

Тој е дециден дека имаме можност за влез во ЕУ до 2030 година. Напомена оти имаме внатрешен потенцијал, имаме паметни луѓе, имаме искуство, имаме одамна поставено систем за преговори, и сме најдобро подготвен кандидат во историјата на ЕУ.

-Меѓутоа, не сум сигурен во овој контекст за две други работи. Прво, не знам дали ќе постигнеме национален консензус. Во овој момент по тоа прашање го немаме. Зборуваме за реален реторички консензус. Дали ќе постигнеме и дали ќе го одржуваме бидејќи мора да го одржувате години и години додека траат преговорите, посочи Пендаровски.

 

Од аспект на она што го слуша од опозициските партии, шефот на државата вели дека партиите нема да го сменат ставот надевајќи се дека ќе победат на следни избори.

Претседателот на државата вчера го отвори и прашањето дали ЕУ ќе биде толку фокусирана на Западниот Балкан по завршување на војната во Украина.

-Геостратешките резони почнаа да доминираат и во логиката на ЕУ. Ако е тоа точно, прашувам кога ќе заврши војната во Украина, дај боже денеска да заврши, дали тие геостретшки резони на Унијата ќе исчезнат и ЕУ ќе се врати на својот стандарден вокабулар и политичка агенда во однос на интеграциите, потенцираше Пендаровски.

И вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ е на ставот дека вистинскиот национален консензус за Европската Унија за жал кај нас се уште не е постигнат од сите политички актери, затоа што до сега во најголем дел бил само декларативен.

Според Маричиќ, 2030 година е достижна под два услова – да се изведат реформскиот процес и процесот на преговори, тоа е задача на сите политички чинители во државата и на сите делови во општеството, а вториот услов е да имаме временски план за членство од страна на ЕУ.

Како што додаде, овие два услова мора да бидат исполнети доколу сакаме да влеземе во ЕУ во 2030 или приближно до 2030 година.

 

Евроамбасадорот Дејвид Гир пак, вчера испрати порака дека само од нашата држава зависи дали ќе станеме членка на ЕУ до 2030 година. Задачата како што рече, е значајна, а обемот на реформи се големи.

– Ќе има подеми и падови и овде и во Брисел. Сметам дека долгорочниот пат, трасата е утврдена од ЕУ и ветувањето е реално. Зависи од оценувањето на взаемните потреби и интереси, посочи Гир.

Со цел да се постигне оваа цел, според Гир, мора да постои вистинска политичка решеност меѓу сите политички партии и меѓу сите институции вклучително и бизнисот и граѓанското општество. Според него, проширувањето мора да биде национален проект бидејќи навистина ќе има предизвици на патот кон ЕУ. Гир кажа дека во ЕУ и во меѓународната заедница има голема поддршка за оваа земја. бт/аа/

 

Остани поврзан