Модернизирање на опремата на ЈКП „Илинден“ за поквалитетни услуги на граѓаните
- Со цел поефикасно одржување на јавната чистота, зеленилото и парковите, како и зголемување на безбедноста на целата територија на општината, набавена е нова противпожарна опрема за потребите на ЈКП „Илинден“, соопштија од Општина Илинден.
Скопје, 25 ноември 2025 (МИА) - Во насока на унапредување на комуналните услуги и обезбедување поквалитетен живот за граѓаните, Општина Илинден продолжува со вложување во модернизација и подобрување на опремата на општинските јавни комунални претпријатија.
-Со цел поефикасно одржување на јавната чистота, зеленилото и парковите, како и зголемување на безбедноста на целата територија на општината, набавена е нова противпожарна опрема за потребите на ЈКП „Илинден“, соопштија од Општина Илинден.

Новата опрема беше промовирана во присуство на градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој истакна дека континуираното обновување на механизацијата и опремата е клучно за брзо, квалитетно и ефикасно извршување на комуналните услуги. Тој потенцираше дека набавката на противпожарна опрема е од особена важност, бидејќи значително го зголемува капацитетот за помош при интервенции во случај на пожар.
Во рамки на набавката, како што се наведува во соопштението, обезбедени се 15 противпожарни метли и 10 грбни прскалки за гаснење пожари, како и нова опрема за одржување на јавната чистота: моторни косилки – тримери, моторна пила, бензинска косилка и моторна прскалка – дувалка.
Јавното комунално претпријатие „Илинден“ и понатаму ќе продолжи да ги извршува своите редовни надлежности за собирање и транспортирање на комунален отпад, одржување на јавната чистота, уредување на парковите и на зелените површини, одржувањето на улиците, сообраќајниците и пешачките патеки, како и на јавното осветлување. Со новата опрема, ЈКП „Илинден“ ќе може, исто така, уште поактивно да учествува и да помага при гаснењето на пожари, со што ќе придонесе за поголема безбедност и заштита на граѓаните и јавните површини. дма/вг/
Фото: Општина Илинден