• недела, 22 декември 2024

Моделот „плати или гледај“ на „Мета“ не е во согласност со Законот за дигитални пазари, оцени ЕК 

Моделот „плати или гледај“ на „Мета“ не е во согласност со Законот за дигитални пазари, оцени ЕК 

Брисел, 1 јули 2024 (МИА) – Европската комисија соопшти дека ја информирала „Мета“ оти според нејзините прелиминарни наоди во рамки на истрагата започната на 25 март годинава, моделот за рекламирање „плаќај или гледај“ што го практикува компанијата не е во согласност со Законот за дигитални пазари на ЕУ (ДМА). 

Комисијата оцени дека моделот на „Мета“ ги принудува корисниците да се согласат на користење на нивните лични податоци преку „нивните услуги и услуги од трети страни за да обезбеди онлајн рекламирање“.  

Според ЕК, моделот „плаќај или гледај“ ги принудува корисниците да бираат меѓу две опции – да плаќаат месечна претплата за користење на верзија без реклами на социјалните мрежи на „Мета“ или да имаат бесплатен пристап до верзија на социјалните мрежи со персонализирани реклами. 

Согласно член 5 став 2 од ДМА, големите онлајн компании, кои имаат статус на „чуварите на портата“, меѓу кои е и „Мета“, мора да бараат согласност од корисниците за користење на нивните лични податоци за да може да ги користат услугите на основната платформа, а доколку корисникот одбие да даде таква согласност треба да има пристап до помалку персонализирана, но еквивалентна алтернатива.

Комисијата смета дека моделот „плати или гледај“ на „Мета“ не е во согласност со овој член од Законот, бидејќи не им дозволува на корисниците да се одлучат за услуга што користи помалку од нивните лични податоци, која би била еквивалентна на услугата базирана на „персонализирани реклами“ и им оневозможува да го остварат своето право на слободна согласност за користење на нивните лични податоци. 

За да се обезбеди усогласеност со ДМА, според Комисијата, „Мета“ треба да им овозможи на корисниците кои не се согласуваат со користење на нивните лични податоци, сепак да имаат пристап до еквивалентна услуга која користи помалку лични податоци за персонализација на рекламирањето. 

„Мета“ сега има право да достави писмен одговор на наводите од прелиминарните наоди на Комисијата. ЕК, пак, треба да ја заврши истрагата во рок од 12 месеци од нејзиното отворање, односно до март следната година. 

Доколку истрагата ги потврди прелиминарните наоди за неусогласеност на моделот со член 5 став 2 од ДМА, Еврокомисијата може да и изрече парична казна на „Мета“ во износ до 10 отсто од нејзиниот вкупен промет на глобално ниво. Доколку, прекршокот се повтори таа казна може да достигнат и до 20 отсто од глобалниот промет, а во случај на систематска неусогласеност, ЕК е овластена да изрече дополнителни правни лекови, меѓу кои и обврска за компанијата да го продаде својот бизнис или делови од него или да и забрани воведување дополнителни услуги. сп/

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан