• недела, 24 ноември 2024

Мобилни тимови на Црвен крст Крива Паланка помагаат во превенција од топлотниот бран

Мобилни тимови на Црвен крст Крива Паланка помагаат во превенција од топлотниот бран

Крива Паланка, 30 јули 2024 (МИА) - Над 300 шишиња флаширана вода, повеќе од 400 флаери за заштита од топлотен удар и исто толку за заштита од шумски пожари поделиле мобилните тимови на Црвен Крст на Република Северна Македонија, Општинска организација Крива Паланка од 10 јули досега во рамки активностите за заштита на населението од топлото време.

Според информациите од кривопаланечката општинска организација, шест волонтерски тимови патролираат веќе дваесетина дена низ централното градско подрачје и во реонот на руралните средини.

- Во зависност од периодот од денот, мобилните тимови се распоредени низ централното градско подрачје, на фреквентни локации на движење на граѓаните, особено повозрасни лица, во градскиот парк, како и во руралните средини. Се дели флаширана вода на минувачите, а се доставуваат и флаери за заштита од шумски пожари, како и за заштита од топлотен удар. Само минатата недела се поделени 146 шишиња флаширана вода, 206 флаери за заштита од топлотен бран, 171 флаер за заштита од шумски пожари, а извршено е мерење на крвен притисок на 138 граѓани. Бројот на реализирани активности е двојно поголем во изминатите две недели откога започнаа интензивните патроли. Волонтерските тимови кои патролираат со теренски возила имаат извршено и десетина транспортирања на лица во ризик од топлотен удар до нивните тимови, информираат од ОО Црвен Крст Крива Паланка.

Оттаму посочуваат дека мобилните тимови ќе продолжат да работат на терен и во следните денови за кога повторно се најавени екстремно високи температури.

Денес, ОО Црвен Крст Крива Паланка во соработка со Институтот за трансфузиона медицина Скопје реализираше и акција за крводарување на која се собрани 87 единици крв. ид/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан