• недела, 22 декември 2024

МНР ги отфрла тврдењата за наводно оштетување на спомен обележје на бугарски војници кај Кавадарци

МНР ги отфрла тврдењата за наводно оштетување на спомен обележје на бугарски војници кај Кавадарци
Скопје, 15 октомври 2021 (МИА) - Министерството за надворешни работи излезе со реакција во врска со споменикот обележје за загинати 193 бугарски војници во Првата светска војна, во близина на трасата на експресниот пат Градско-Прилеп, делница „Фариш - Дреново“, Кавадарци, за којшто, како што наведува, во медиумите се појавија обвинувања против Република Северна Македонија. Во продолжение ја пренесуваме во целост реакцијата на МНР: „Според извештајот на Управата за заштита на културно наследство – Министерството за култура, и Јавното претпријатие за државни патишта – Министерство за транспорт и врски на Република Северна Македонија кои направија вонреден увид, констатирано е следново: Прво, главниот споменик не потпаѓа под никаков режим на заштитен споменик или културно наследство, но и без тоа истиот се наоѓа во добра состојба, без оштетувања; Второ, околу споменикот постои земјоделско земјиште кое се обработува на начин што се заобиколува ова обележје; Трето, споменикот е надвор од предвидениот појас за изведба на трајните работи истиот не е засегнат од било какви извршени градежни работи и по извршениот увид на терен е констатирано дека е без видливи оштетувања. Ситуацијата на теренот покажува дека во моментов споменикот е физички одделен од трасата на која се изведуваат градежни работи на Експресниот пат Градско – Прилеп со заштитна ограда од времен карактер која ќе биде заменета со трајна заштитна ограда предвидена со Основниот проект за изведба. По изведба на оваа ограда слободниот простор меѓу истата и споменикот ќе биде околу 4 метра. По завршувањето на работите, до споменикот ќе има пристапен простор, со цел тој да биде достапен за заинтересираните посетители Четврто, околу овој споменик нема гробишта или гробни места, а според увидот на терен, таквата состојба не се знае дали била различна во минатото. Околу 100 метра од овој споменик констатирано е дека има и втора помало обележје, чија меморија не е позната. Со утврдената фактичка состојба од надлежните институции, сакаме да ги отфрлиме сите обвинувања кои се појавија во јавноста, притоа и да упатиме апел до сите инволвирани поединци и институции да бидат внимателни и да не наседнуваат на очигледни провокации чија интенција е да ги загрозат добрососедските односи меѓу двете земји, и напорите на двете Министерства за изнаоѓање заеднички решенија за надминување на разликите. Посебно загрижува што трендот на појава на ваквите шпекулации во последно време се интензивира, што покажува дека се работи за организиран пристап на нивна злоупотреба за што сакаме дополнително да предупредиме на внимателност и одговорно однесување“. нд/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан