МНД-Битола одржа работилница на тема „Неологизмите во македонскиот јазик“
- Македонско научното друштво (МНД)-Битола по повод 80 годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик одржа работилница на тема „Неологизмите во македонскиот јазик“.
Битола, 5 мај 2025 (МИА) - Македонско научното друштво (МНД)-Битола по повод 80 годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик одржа работилница на тема „Неологизмите во македонскиот јазик“.
Работилницата ја реализираа м-р Елизабета Јончиќ и м-р Марија Стојаноска со ученици од средните училишта во Битола, а ги поздрави проф.д-р. Даниела Андоновска-Трајковска претседателка на МНД-Битола, која зборуваше за важноста на јазикот во различни општествени контексти, а особено во книжевноста.
-Неологизмите како новосоздадени зборови се важни за збогатување на нашиот јазик и треба да се вложи голем труд за тие да опстанат во еден јазик затоа што потребно е многу време еден неолигизам да заживее и да почне активно да се употребува, истакна м-р Марија Стојаноска, додека пак м-р Елизабета Јончиќ посочи дека важен сегмент од неологизмите на македонскиот јазик се и авторските неологизми, кои се новосоздадени творби на еден конкретен автор или авторки и поретко заживуваат во практиката затоа на нив треба да се посвети уште поголемо внимание и младите генерации треба да се запознаат со овие видови зборови, не само од минатото туку и од современата литература.
Пред аудиториумот во НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола, беше потенцирана и важноста на 5 мај како датум на усвојување на македонската азбука и 2025 година како јубилејна година од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.мт/
Фото: МИА