ММФ предвидува пад на глобалниот БДП од 4,9 отсто
- Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) денеска предупреди дека глобалната економија ќе се соочи со поголем пад отколку што претходно беше проектирано, а исто така и јавните финансии на државите з
Вашингтон, 24 јуни 2020 (МИА) - Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) денеска предупреди дека глобалната економија ќе се соочи со поголем пад отколку што претходно беше проектирано, а исто така и јавните финансии на државите значително ќе се влошат по напорите на владите да ги сузбијат негативните економски ефекти од пандемијата со Ковид-19.
ММФ сега проценува дека глобалниот пад годинава ќе изнесува 4,9 отсто додека во април предвидуваше пад од три проценти.
- Пандемијата со Ковид-19 имаше поголемо негативно влијание врз економската активност во првата половина од 2020 година отколку што беше предвидено, а се очекува и заздравувањето да биде попостапно отколку што претходно беше прогнозирано, се наведува во ажурираниот извештај на ММФ за „Светските економски изгледи“.
ММФ во април предвидуваше пораст од 5,8 отсто на бруто домашниот производ во 2021 година, но во најновиот извештај истакнува дека тој процент ќе биде 5,4 проценти.
Финансиската институција со седиште во Вашингтон предвидува дека годинава глобалниот јавен долг ќе биде над 100 проценти од БДП.
Според основните сценарија на ММФ, глобалниот јавен долг ќе достигне историски рекорд во 2020 и во 2021 година, односно годинава ќе биде 101,5 проценти од БДП, а следната година – 103,2 отсто од БДП. Покрај тоа, просечниот фискален дефицит годинава ќе се искачи на 13,9 отсто од БДП, што е за 10 процентни поени повеќе во споредба со 2019 година.
ММФ предвидува и пад на американската економија од осум проценти годинава, а во април предвидуваше пад од 5,9 отсто.
Во извештајот се посочува и на пад во еврозоната од 10,2 проценти, а за БРазил, Мексико и Јужна Африка прогнозира рецесија од 9,1. 10, 5 и осум отсто. ми/