• петок, 05 декември 2025

„Млеко 2025“ во Прилеп: Сточарите имаат пласман, немаат работна рака, а државата ја зголемила поддршката за 50 проценти

„Млеко 2025“ во Прилеп: Сточарите имаат пласман, немаат работна рака, а државата ја зголемила поддршката за 50 проценти

Прилеп, 13 септември 2025 (МИА) - Сточари, млекопроизводители и производители на млечни производи од Прилепско-битолскиот регион и од Мариово денеска ги изложија своите производи на четвртиот саем во Прилеп, а седми во Македонија, насловен „Млеко 2025“.

Сточарите и производителите на млечни производи имааат пласман, но немаат доволно работна рака и бараат поголема поддршка од државата и институциите. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски порача дека со годинашнава програма финансиската поддршка на сточарите е зголемена за речиси 50 проценти.

Игор Поповски, сточар и проиозводител од битолското село Дихово веќе 17 години работи во оваа земјоделско производствена гранка. Пласманот не е проблем, но нема доволно работна рака.  

-Проблемите се во недоволната работна рака и недоволно внимание на државата спрема сточарството и млекарството. Инаку, во однос на продажбата сме добри, вели Поповски.

И сточарот и производител Дејан Ѓорѓиевски од Трново, Битолско го нагласува проблемот од недостиг од работна рака. Нудат плата и од 1000 евра.

-Работиме повеќе од 10 години. Произведуваме бело, биено сирење, кашкавал и најново, нов вид на сирење  „пекорино“. Во пласманот немаме проблем, но имаме голем проблем во недостигот од работна рака. Тоа оневозможува да го шириме производството. Еве, нудиме за грижа за овците и плата од 1000 евра, но нема заинтересирани, објаснува Ѓорѓиевски.

Спасе Чакрески од Витолиште, Мариово ја одржува, смета, меѓу ретките, традицијата на правењето на познатото мариовско биено сирење. Бара институциите да обезбедат лиценци за продажба.

-Произведувам маривско биено сирење. Учествуваме да потврдиме дека постоиме. Пласманот ни е обезбеден и потврдуваме дека постоиме во Мариово и произведуваме. Светот изобилува со индустриски произведена храна, но традиционалното производство е мало, но треба да го одржиме зашто ќе се бара во иднина. Наше е да ги стимулираме младите. Треба дополнително да ни се олеснат можностите и да се издаваат лиценци за продажба, а не само за изложување на домашното, традиционално произведеното, вели Чакрески.

Министерот Трипуновски изјави дека за 50 проценти е зголемена поддршката за македонските сточари.

- Изминативе 15 месеци, Владата покажа дека навистина земјоделството ќе биде во фокусот и приоритетите во работењето на Владата. Знатете дека од Програмата за финансиска поддршка за 2025 година, речиси за 50 проценти се зголеми поддршката за македонските сточари заштo сакаме на нашите полици да се продаваат македонско млеко, сирење, кашкавал и сите други преработки, а со тоа и да го зголемиме сточниот фонд во нашата држава, изјави Трипуновски.

Министерот ги нагласува ефектите кои се очекуваат од кампањата за купување домашни производи „Македонско најдобро“ која ќе продолжи и наредните години. Наскоро на производите од домашните компании ќе се најде и логото на кампањата.

- Поддршката со кампањата е за македонските земјоделци, но и за домашните компании кои произведуваат преработки од земјоделски производи, а тие компании плаќаат даноци, вработуваат луѓе, а со кампањата сакаме директно да им помогнеме во нивната егзистенција, рентабилност и на зголемувањето на капацитетите. Веќе од наредниов период, ќе почне и самото лого на кампањата да биде аплицирано на секој производ со цел и визуелно да биде производот достапен до граѓаните. Оваа кампања ќе продолжи наредните години, рече министерот Трипуновски на денешната манифестација во Прилеп „Млеко 2025“.

Манифестацијата која е единствена од ваков вид во земјава ја организираше „Слоуфуд Прилеп“ со поддршка на „Слоуфуд Македонија“.

- Оваа година манифестацијата е под мотото „Гласот на сточарите“, зашто без сточарите би немало смисла постоењето на оваа земјоделско-производстверна гранка и селата би биле празни. Сакаме да бидеме мост меѓу сточарите и институциите, да им помогнеме подобро да се снајдат во институционалните лавиринти, но и да бидеме мост меѓу сточарите, произвоидителите и купувачите. Сметаме дека ваквите настани се од голема важност за малите производители, рече Тодорка Наумоска Димески, претседателка на „Слоуфуд Прилеп“.

Во рамки на манифестацијата се одржа и трибина на тема „Гласот на сточарите“ на која беа изнесени предизвиците со кои тие се соочуваат. ем/мд/

фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан