Младите волонтери на Општинскиот Црвен крст реализираа пет проекти за заедницата
- Во рамки на програмата „Црвен крст во акција – промоција на хумани вредности“ 32 ученика на возраст од 14 до 17 години млади волонтери на Општинскиот Црвен крст Велес од јануари до мај годинава реализирале пет мали, но значајни проекти со хуман, еколошкии интеркултурен фокус. Тие во јануари годинава поминале низ циклус на три обуки, по што од февруари започнале со теренска работа и директна реализација на своите идеи, а кои ги завршија овој месец, информира за МИА Орце Николов секретар на ООЦК Велес.
Велес, 29 мај 2025 (МИА) - Во рамки на програмата „Црвен крст во акција – промоција на хумани вредности“ 32 ученика на возраст од 14 до 17 години млади волонтери на Општинскиот Црвен крст Велес од јануари до мај годинава реализирале пет мали, но значајни проекти со хуман, еколошкии интеркултурен фокус. Тие во јануари годинава поминале низ циклус на три обуки, по што од февруари започнале со теренска работа и директна реализација на своите идеи, а кои ги завршија овој месец, информира за МИА Орце Николов секретар на ООЦК Велес.
Тој информира дека реализираните проекти ги опфаќаат социјалната инклузија, здравствената заштита, екологијата и интеркултурниот дијалог – теми што ги засегаат сите граѓани на Велес, но и пошироката заедница.
Првиот проект се фокусираше на поддршка на згрижувачко семејство, кое веќе се грижи за две деца и има желба да згрижи уште две, но нема соодветни услови. По консултација со Центарот за социјални работи, младите волонтери го избраа семејството Реџеповски.Тие организираа низа активности за прибирање средства, преку рачни изработки за први и осми март, турнир во одбојка, gaming натпревар, штандови со освежувања и финална забава
Со собраните средства беше комплетно уредена детска соба со нов мебел и подови, создавајќи безбедно и топло место за уште две деца,
-Овој проект како и останатите четири се доказ дека младите, кога ќе им се даде шанса, можат да направат суштинска промена во животот на некого на кого му е неопходна помош, потенцира Николов.
Вториот проект на кои работеле младите волонтери на Црвен крст бил наменет за дете со аутизам чие семејство живее со минимален приход и не може да обезбеди скапи терапевтски помагала и алатки што се неопходни за неговиот развој и комуникација. Детето има тешкотии во изразувањето и во вклучувањето во училишниот и социјалниот живот, а без соодветна поддршка, ризикува да се изолира уште повеќе, вели тој.
Додава дека волонтерите организирале акција за прибирање донации со цел да обезбедат помагала што ќе му помогнат да учествува поактивно во секојдневието и да добие шанса за подобар квалитет на живот.
Третата иницијатива беше насочена кон Детското одделение на Општата болница во Велес.Целта на проектот беше да се набави неопходна опрема што директно ќе го подобри квалитетот на здравствената заштита за најмадите пациенти-децата.
-Како конкретен резултат беше обезбеден аспиратор за секрет, уред што игра клучна улога при третман на респираторни заболувања кај деца. Со ова, велешките волонтери придонесоа за побезбедно лекување и подобри услови во Детското одделение во Општата болницата, а на што сме особено горди, објасни Николов.
Четвртиот проект на кои работеле младите велешани бил насочен кон еколошките предизвици во градот. Поттикнати од сè поголемото загадување, отпад и уништени јавни површини, волонтерите, во соработка со Општина Велес, реализирале повеќе активности како засадување дрвца на Спомен Костурница од НОВ, а учествувале во државната еко акција „Генералка викенд“. Воедно имале изработиле и информативни штандови имале и креативни работилници за изработка на клупи и украсни елементи од стари пелети. Финалниот резултат е убаво уредено еко катче и нова зелена зона во градот.
Петтиот проект на кој работеле младите волонтери од Општинскиот Црвен крст бил со фокус на градење интеркултурна соработка меѓу ученици од различни етнички заедници. Волонтерите организирале серија работилници со ученици од македонски и албански паралелки, при што се создале простор за запознавање, размена на културни вредности, игри и учење јазични изрази.
Од Општинската организација на Црвен крст – Велес посочуваат дека се особено горди на нивните млади волонтери, кои покажале зрелост, емпатија и лидерски способности и дека те можат да придонесат за позитивни промени во заедницата. ад/сст/