Младински форум им ги претстави на студентите и дипломираните во Софија целите на ОН за квалитетно образование и партнерства за постигнување одржлив развој
- Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.
Софија, 11 октомври 2025 (МИА) – Под мотото „Знаење во акција, партнерство за влијание“ денеска почна младински настан за лидерство, одржлив развој и образование во Бугарија – „Јут спик форум“ (Youth Speak Forum), организиран од претставниците на AIESEC во Бугарија. Форумот се одржува во „Полиграфија офис центар“ во главниот град.
Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.
Тоа е една од двете иницијативи на меѓународната платформа и заедница од млади луѓе обединети од каузата за мир, разбирање и развивање и искористување на човечкиот потенцијал – AIESEC (Association Internationale des Etudiants en Sciences et Commerciales), заедно со иницијативата за развој на финансиска писменост меѓу младите – „Мани Токс“ (Money Talks). Целта на младинскиот форум е да ги популаризира целите за одржлив развој на Обединетите нации (ОН) и нивното спроведување.
Во центарот на денешните разговори меѓу дипломци, студенти, претставници на невладини организации и практичари од корпоративниот свет во Бугарија, AIESEC ги постави две од 17-те цели за одржлив развој на ОН – целта за квалитетно образование (Цел 4) и целта за партнерства за постигнување на целите (Цел 17), во потрага по пресекот меѓу нив и можноста за соработка меѓу бизнисот, невладиниот сектор, академските кругови и институциите за постигнување на одржлива промена.
Со сегашното темпо на спроведување на глобалните цели на ОН, државите во светот до 2030 година ќе имаат исполнето само 17 проценти од договорените цели во 2015 година, истакна Виктор Цветанов, еден од двајцата младински делегати во ОН од Бугарија и денешен говорник на форумот.
Тој накратко ја претстави историјата и напорите на меѓународната заедница за постигнување на одржлив развој на светот, почнувајќи од осумте цели договорени на почетокот на овој век, кои во 2015 година беа развиени во 17 цели.
„Знам дека шансата да ги постигнеме 100 проценти од овие цели е речиси нула. Но, ајде да направиме така што секој од нас, преку своите постапки, ќе придонесе за исполнување на што е можно повеќе од тие цели,“ ги повика Цветанов младите присутни на форумот.
Тој нагласи дека Бугарија е една од 40-те од вкупно 193 држави членки на ОН кои имаат свои младински делегати во Организацијата. „Самата фактот што Бугарија има младински делегати ја прави привилегирана. Тоа значи дека млад човек го претставува гласот на младите на највисоко меѓународно ниво – во Генералното собрание на ОН,“ посочи Цветанов.
Другиот делегат од Бугарија е Вјара Трифонова. Двајцата ќе го претставуваат гласот на младите луѓе до крајот на 2026 година, кога им завршува мандатот.
Силвија Канджичка, претседателка на AIESEC во Бугарија, ги запозна присутните со историјата, целите и активностите на меѓународната младинска платформа.
Организацијата AIESEC е основана веднаш по Втората светска војна, во 1948 година, од седум млади луѓе со различни националности. Денес организацијата е присутна во повеќе од 110 држави и територии, а нејзините партнери се над 5000 организации, според податоците на официјалната веб-страница на платформата. Во Бугарија е присутна од 1990 година. Активните нејзини членови во земјата се повеќе од 30, стажистите моментално се над 100 лица, а повеќе од 1000 се нејзини поранешни членови (алумни). Националните партнери на бугарскиот огранок се повеќе од 10, според излагањето на Канджичка.
Членството во организацијата е наменето за лица на возраст меѓу 18 и 27 години, без ограничување на местоположбата. Важно е, сепак, тие да располагаат со 5 до 10 часа слободно време неделно. Членовите имаат можност да развиваат вештини во различни области, да работат во тим и да создаваат мрежа на контакти од целиот свет преку меѓукултурната размена. Периодите за прием на нови членови се два – во пролет, во март и април, и во есен, во септември и октомври, според претставувањето на Силвија Канджичка.
Форумот има за цел да ги поврзе претставниците од невладиниот и корпоративниот сектор со студенти и матуранти од цела Бугарија.
______________________________________________________________________________________________________________________________________________
Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.