• петок, 05 декември 2025

Младеноска за Советот на Охрид: Подобрување на условите за живот на повозрасните лица во градот

Младеноска за Советот на Охрид: Подобрување на условите за живот на повозрасните лица во градот

Охрид, 6 октомври 2025 (МИА) – Со срце за постарите, со визија за достоинствен живот. Охрид има над 9.000 пензионери, но нема дом за стари лица. Со децении се ветува, но никој не го изгради. Време е зборовите да станат дела. Тоа го порачува Марија Младеновска, носител на независна листа од група избирачи за избор на советници на Општина Охрид за локалните избори.

Младеноска како поранешна наставничка и директорка на основно училиште, основач на првата еколошка организација „Јагода“ и долгогодишен волонтер во Црвен крст Охрид во програмата „Најди време“, активно работи на подобрување на условите за живот на повозрасните лица во градот, самата вели дека ги разбира нивните потреби и знае колку е тешко да се старее во град без соодветна грижа.

Младеновска во програмата потсетува дека во Охрид и Струга живеат илјадници лица над 60 години, дека Охрид е град со највисока стапка на иселување во Македонија, според Државниот завод за статистика, така што секојдневието на повозрасните лица е исполнето со предизвици од ограничено движење поради болести и изнемоштеност, преку потешкотии со набавка на храна, лекови и плаќање сметки, зависност од помош на други, семејно насилство и одземање на пензиите до чувство на изолација, депресија и безвредност...

„Во нашите општини нема програми, обуки или едукативни активности за старите лица. Сè е насочено кон младите, додека постарите се целосно исклучени од општествениот живот. Дури и кога живеат со семејството, често се економски искористувани, а не поддржани. Тие што се во добра форма, пак, ги потиснуваат сопствените потреби за да бидат 'помош' на семејството, сè додека не се доведат во состојба на целосна немоќ“, вели Младеновска.

Нејзиниот план предвидува конкретни мерки за Социјална грижа и поддршка и тоа изградба на Дом за стари лица во Охрид, со прифатливи цени според категоријата на пензии, отворање дневни и групни центри за стари лица во Охрид и околните населби, советувалишта за психо-социјална поддршка на осамени и депресивни лица, помош во домашни услови, тимови кои ќе помагаат со оброци, хигиена и лекови, мали групни домови за стари лица со физичка или ментална попреченост, топол оброк за стари лица во ризик, превенција на злоупотреба и насилство, и информирање за нивните права и можности, развој на згрижувачки семејства за стари лица кои немаат блиски.

Кога станува збор за здравствената заштита на возрасните лица, Младеноска најавува активности во Советот на Општината за еднаква здравствена грижа за постарите лица во руралните и одалечените подрачја, превенција и едукација за здрав живот, исхрана и физичка активност, бањско лекување и рекреативни активности за подобрување на физичката и менталната состојба, домашно лекување и палијативна грижа, со вклучување на семејствата и здравствениот сектор, рана дијагностика и третман на ментални болести и хронични состојби, подобрување на здравствените капацитети и услуги за старите лица, создавање заедница на солидарност...

Младеновска додава дека охриѓани треба да гласаат за неа затоа што веќе го прави она што другите само го ветуваат. Години наназад таа волонтира, помага, слуша и се грижи...

- Не ми треба функција за да помогнам, но функцијата може да ми даде сила да направам поголема промена за сите постари лица во Охрид. Затоа оваа програма е посветена на тоа секој човек во трета доба да живее достоинствено и без осаменост“, нагласува Младеновска, чиј слоган е „Со срце за постарите, со визија за сите генерации“. аб/вј/

Фото: МИА архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан