• петок, 05 декември 2025

Мицотакис: На Генералното собрание на ОН ја пренесовме пораката дека Грција е силна 

Мицотакис: На Генералното собрание на ОН ја пренесовме пораката дека Грција е силна 

Атина, 30 септември 2025 (МИА) – Нашата земја повеќе не е држава што бара поддршка, туку држава што дава поддршка. И ако некогаш претставуваше економска опасност, денес е пример за напредок, нешто што мислам дека вреди да се нагласи и тоа наспроти вистинската „хистерија“ на дезинформации што ја сретнав по враќањето во Атина, бидејќи прочитав дека дури и мојата фотографија со претседателот Трамп, била лажна, иако официјално беше објавена од протоколот на Белата куќа, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на денешната владина седница, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкиот премиер посочи дека при учеството на Генералното собрание на Обединетите нации, односно на средбите со странски лидери и инвеститори, како и во говорот, била пренесена пораката дека Грција е силна.

На денешната владина седница го изрази неговото задоволство од вчерашните најави од Белата куќа и изрази надеж дека „овој план, кој се чини дека е добро подготвен, ќе биде прифатен од Хамас, за да можеме да продолжиме со итно ослободување на сите заложници, итно прекинување на сите непријателства и враќање на хуманитарната помош, а во втор пат и со создавање нова форма на управување за Појасот Газа“.

- И секако, секогаш одржувајќи ја жива – а ова е официјалната и безвременска позиција на грчката надворешна политика – перспективата за создавање две држави во регионот, нешто што ќе биде единствениот начин за дефинитивно решавање на оваа криза, која сега трае со децении и очигледно влијае и на нашата земја, со оглед на тоа што сме во поширокото соседство на Источниот Медитеран, нагласи Мицотакис.

Се осврна и на внатрешно-политичките теми во Грција и посочи дека „битката за вистината станува фронт што се протега низ сите области на актуелните случувања“, споменувајќи ги случајот со железничката несреќа кај Темпи, скандалот ОПЕКЕПЕ со европските земјоделски субвенции, но и „лажните вести што постојано ги гледаме, темите од здравствениот сектор, па за жал и до националната надворешна и одбранбена политика“. ср/сд/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан