• понеделник, 18 ноември 2024

Мицотакис ги претстави кандидатите за европратеници, меѓу нив и осудениот градоначалник на Химара

Мицотакис ги претстави кандидатите за европратеници, меѓу нив и осудениот градоначалник на Химара

Атина, 15 април 2024 (МИА) – Актуелни европратеници, новинари, професори, поранешни министри, но и градоначалникот на албанскиот град Химара, Фреди Белери, кој моментално е во затвор се меѓу 42-та кандидати за пратеници во Европскиот Парламент од редовите на Нова демократија, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкиот премиер и претседател на партијата Кирјакос Мицотакис вечерва ги претстави кандидатите на неговата партија за евроизборите на 9 јуни, за кои рече дека се од различни области, но и порача дека Нова демократија „спојува различни струи во големата лулка на демократска модернизација и прогресивен патриотизам“.

Истакна дека оние кои ќе бидат избрани на изборите ќе ја претставува земјата во следниот Европарламент што ќе треба да се справи со многу големи предизвици.

- Нова Демократија во овие големи предизвици треба да биде силна. Ние сме партијата на Европа, ние сме партијата која ја внесе Грција во Европа, ние сме партијата која ја задржа Грција во Европа и ние сме партијата која постојано, секој ден, ја приближува земјата до Европа, истакна Мицотакис.

На денешната манифестација, секој од кандидатите имаше една минута за да се претстави, а соопштувањето на името на градоначалникот на Химара, кој останува во затвор во Албанија, предизвика овации кај присутните.

На почетокот на март, Специјалниот суд против организиран криминал и корупција во Тирана, му изрече казна затвор од две години на Фреди Белери, кој беше уапсен два дена пред локалните избори во мај минатата година за „купување гласови“.

Белери е припадник на грчкото малцинство и беше избран за градоначалник на приморското гратче Химара, а целиот случај ги заостри односите меѓу Грција и Албанија. ср/

Остани поврзан