• петок, 30 јануари 2026

Мицкоски: ССМ одби колективен договор со кој платата на администрацијата ќе се зголеми за 40 проценти

Мицкоски: ССМ одби колективен договор со кој платата на администрацијата ќе се зголеми за 40 проценти

Скопје, 30 јануари 2026 (МИА) - ССМ не сакаше да го потпише колективниот договор со кој платата на администрацијата ќе се зголеми за 40 проценти во период од четири години, односно до април 2028 година, под услов во колективниот договор да се избрише делот кај што стојат платите и во тој период да репреговараат. Тоа го повтори денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по настанот на Економскиот факултет при УКИМ организиран од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност „Еразмус+“ истакнувајќи дека ССМ не сакал да се откаже од општиот колективен договор што претходно го потпишал, а чија важност престанала.

Тој појасни дека ако просечната плата е 30.000 денари, сега во април за мартовската плата ќе имало нивелирање за минималната плата, која ќе се зголеми.

- Да претпоставиме дека таа ќе се зголеми за 1.500 денари. Тогаш овие 30.000 денари плус 1.500 денари зголемени за 8 проценти ќе дадат збир X парички. В година, април 2027, тие X парички повторно ќе се зголемат за минималната плата, да претпоставиме дека ќе биде повторно 1.500 денари. Тој збир X плус тие 1.500 денари ќе се зголемат за нови 8 проценти и ќе добиеме У парички. Третата година, 2028, во април овие У парички повторно ќе се зголемат за минималната плата од 1.500 денари и сето тоа ќе се зголеми повторно за 8 проценти и ќе добиеме Z парички. Овие Z парички ќе бидат за минимум 40 проценти повеќе од 30.000 денари - рече Мицкоски.

Го повтори условот за потпишување на овој договор, а тоа, според него, е во колективниот општ договор, делот кај што стојат платите, да се избришат и во периодот од три години да го репреговараат.

- Доволен период имаме од три години да постигнеме договор. А во меѓувреме, имаме колективен договор, имаме 95 отсто од вработените што се дел од одговорностите на Владата, која е работодавач и со тоа Владата со своите вработени си ги регулирала односите до 2028 година. И со тоа ние сме завршиле. Значи, остануваат сега уште овие 7.787 вработени од вкупната државна администрација - истакна Мицкоски. 

Тоа, додаде, ССМ не сакал да го потпише.

- Велеа вака, „како сега ние ќе се откажеме од општиот колективен договор во тој дел кога ние сме го подпишеле со Тренчевска“.  Јас велам, вие не се откажувате. Важењето на општиот колективен договор е престанато. Во завршните и во преодните одредби стои дека „тој останува во важност до носење друг“. А ние, ако го избришеме делот на платите, кој е дел од општиот колективен договор и е збунувачки, може да се толкува вака и така, ќе се повикаме на овој нов грански договор, што ќе го потпишеме со гранските синдикати за државната администрација - рече Мицкоски.

Според него, периодот од три години е доволен да преговараат за тој дел од општиот колективен договор.

- И во рок од тие три години ќе преговараме дел, што ќе биде повторно дел од општиот колективен договор. И тие тоа не го прифаќаат. Како, велат, ние сега сме го подпишале тој договор, како сега ние самите себе ќе си се бришаме. Тоа не е мој проблем. Јас нудам решение. Ако ние не сме доволно зрели како општество за помалку од три години да не потпишеме, тогаш не сме зрели ни за држава. Ама јас мислам дека сме зрели - истакна премиерот.

ССМ денеска ја повика Владата в понеделник да го потпишат колективниот договор, со кој, како што велат, ги зголемува платите на вработените за 40 проценти и наместо во 2028 година, да почне од февруари 2026 година. За следната недела најавија блокади, а останува и одлуката за генерален штрајк доколку не се зголемат платите. сс/са/

Фото МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан