• недела, 05 јануари 2025

Мицкоски: Следуваат структурни реформи и илјада нови вработувања во здравството

Мицкоски: Следуваат структурни реформи и илјада нови вработувања во здравството

Скопје, 3 јануари 2025 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски денеска информираше дека почна процедурата за повеќе од илјада нови вработувања во здравството, остануваат само формалните чекори кои треба да бидат завршени. Тој останува на ставот дека ќе има структурни реформи и дека граѓаните ќе ја добијат здравствената услуга која што им е потребна.

-Ќе продолжиме и понатаму да го поддржуваме здравството. Сега ќе следат и структурни реформи и мислам дека со тек на време граѓаните ќе ја добијат онаа здравствена услуга која што им е потребна, изјави Мицкоски, за време на неговата посета во Радовиш, во одговор на новинарско прашање.

Како што рече, обезбедени се средства и за вработување на специјализанти.

-Да не заборавиме дека ќе имаме повеќе од илјада нови вработувања во здравството, ова е нешто што го ветуваше и министерот за здравство. Процедурата е почната, сега треба само оние формални чекори да бидат завршени. Многу внимание ќе посветиме на здравството, додаде Мицкоски.

Тој потсети дека постигнале договор со синдикатите на долг рок во следните четири години во врска со платите во здравството.

Како што посочи, доколку буџетот дозволува, просечно паричната маса за исплата на плата за вработените во здравството ќе биде зголемена до 50 проценти.

-Постигнавме историски договор со синдикатите на долг рок во следните четири години, за оние првични десет проценти зголемување на паричната маса за исплата на плати. Во рамките на таа парична маса, кај техничкиот персонал имаме поголемо процентуално зголемување, кај докторите помало, но генерално оние 10 проценти зголемена парична маса се случи во ноември за октомври. Истото ќе се случи и сега во април за март, ќе се зголеми за пет проценти и ќе се зголемува во следните четири години. Доколку буџетот дозволува, просечно таа парична маса за исплата на плата за вработените во здравството ќе биде зголемена до 50 проценти, рече Мицкоски. бт/нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан