• петок, 03 јануари 2025

Мицкоски очекува успешна година на економски план со раст на БДП меѓу 3,5 и 4 проценти

Мицкоски очекува успешна година на економски план со раст на БДП меѓу 3,5 и 4 проценти

Скопје, 1 јануари 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски очекува 2025 година да биде поуспешна од 2024 година, со  раст на БДП помеѓу 3,5 и 4 проценти, инвестици од над милијарда евра и буџетски дефицит под 4 проценти. 

- Очекувам параметрите во економијата во 2025 година да бидат подобри од тие што се во 2024 и растот на БДП да дојде до близу 4 проценти, помеѓу 3,5 и 4 проценти, иако проектираниот е на 3,7 проценти, рече Мицкоски, на новинарско прашање  по пуштањето во употреба на новиот скијачки центар „Михајлово“.

Според него, 2024 година  ја завршуваме со подобри резултати од очекуваните на економски план.

- Очекуваме да имаме позитивни параметри  за растот на БДП за четвртиот квартал со што севкупно растот за 2024 година да биде 2,6 проценти,  2,7 проценти, а  зошто да не и 3 проценти, зависно од тоа како ќе биде четвртиот квартал поради слабиот прв квартал бидејќи третиот и четвртиот се навистина успешни, би рекол најдобри во регионот,  изјави Мицкоски. 

Повтори дека очекува нивото на странски инвестиции да надмине милијарда евра за 2024-та и уште поголем износ за 2025-та.

Буџетскиот дефицит за 2024, како што го информирала вчера министерката за финансии, има подобри параметри од предвидените и нема да биде  4,9 проценти, туку 4,4 проценти. 

- За 2025 очекуваме да биде под 4 проценти. Навистина ќе имаме убави финансиски параметри, ќе бидеме меѓу првите пет-шст најбрзорастечки економии и ќе се вратиме на местата каде  бевме пред 10-ина години кога станува збор за економијата,  изјави Мицкоски. лв/свд/

Фото: МИА 

 

 

 

Остани поврзан