• петок, 22 ноември 2024

Мицкоски: Куманово е заборавено од централната власт, иако е град борец

Мицкоски:  Куманово е заборавено од централната власт, иако е град борец

Куманово, 16 мај 2023 (МИА) - Куманово е заборавено од централната власт, иако е град борец и градот и останатите од државата ја чекаат својата пролет, кажа претседателот на ВМРО - ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашнава трибина пред кумановци. Тој ја обвини власта дека не вложила во Куманово, како и за иселувањето на младите за кои кажа дека се разочарани.

Зборувајќи за делницата Прилеп- Битола, Мицкоски рече дека иако власта го означила почетокот на изградбата на терен не се работи ништо.

-Одете слободно проверете, а приватната компанија ги чека парите кои владата и ги вети, без мака, без работа, над внимавајте добро 300-тини милиони евра само за аванси и пенали без удрена лопата, кажа Мицкоски.

Тој кажа дека беззаконието се гледа и во обидот да се изгради паркинг во двор на болница. Лидерот на ВМРО - ДПМНЕ ја обвини власта дека носи закони со европски знамиња и порача дека токму од Куманово, ВМРО - ДПМНЕ ќе ја порази власта, додавајќи дека победата се чувствува.

-Ќе победиме и ќе одговарате за секоја неправда направена врз овој народ. За она криминално владеење на главната корпорација во Македонија, Демократска унија за интеграција и нејзиниот подизведувач СДСМ. За секоја уништена шанса, тендер во четри очи, за тоа што се однесувате како газди над туѓите животи, рече Мицкоски.

Тој посочи дека ќе има одговорност, преструктурирање и борба против криминал. Во однос на уставните измени кажа дека ќе се отвори пандорина кутија и како што кажа се става и редефинирање на карактерот на Македонија.

- Она што исто така претставува тема подолг период се уставните измени. И во тој поглед сакам да предупредам на една друга опасност, на едно ново хазардерство и предавство кое си се турка на мала врата, така странично, но можеби внимавајте добро подеднакво опасно, па би рекол и поубиствено за Македонија во поглед на нејзиното постоење како унитарна држава, истакна Мицкоски.

Тој посочи дека не е само бугарскиот диктат за Уставот, без било какви гаранции за Македонија, кој го турка владата, туку отворање на пандорината кутија на тој план, како што рече, редефинирање на карактерот на Македонија преку нарушување на нејзината унитарност.

- Низ кулоарите, а и во дел од медиумите и јас ги слушам идеите кои ги зборуваат оние партиски експерти кои им ги составуваат уставните измени, па се говори дека се предлагало да се смени Преамбулата така што ќе постоеле два народа, неколку заедници, а потоа и малцинства и тоа да прерасне во уставно слово, притоа целосно нишајќи ги темелите на Македонија и разработувајќи го концептот на бинационална федерална држава. Се надевам дека ќе остане само на нереализирана мантра затоа што во спротивно доколку тоа се преточи во текст ќе прават неповратна штета за Македонија. Апелирам да се престане со оваа самоубиствена рулет игра на партиите на власт затоа што не смеат да си играат играчки со Македонија и пишување на Уставот, рече Мицкоски.

Тој упати порака до претседателот на Владата да внимава и, како што кажа, да не тргува со национални интереси и да не ја обвинува опозицијата за неуспесите. Зборувајќи за мнозинството, Мицкоски го повика Ковачевски дека ако е убеден во мнозинството да поднесе предлог за уставни измени во Собранието уште утре.

Пред кумановци, лидерот на ВМРО - ДПМНЕ кажа дека цените на храната во просек пораснале за 22 проценти, платите се недоволни, стапката на раст е ниска, државата во 2022 имала историски најголем долг. Тој кажа дека мора да се обезбеди раст на БДП да се намали невработеноста под 10 проценти, да се обезбедат ниски даноци, да се воведат мерки за млади, реконструкција на студентски домови, пари за младите претприемачи, вработување на најуспешните студенти. Повика на силна и убедлива, победа и нагласи дека има и мали партии кои се повикуваат на патриотизам и можат да го намалат успехот на ВМРО - ДПМНЕ на изборите. ам/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан