• четврток, 04 декември 2025

Мицкоски: Зарем некој денеска, во Македонија може да верува дека СДСМ може да биде патриот и да има црвени линии?

Мицкоски: Зарем некој денеска, во Македонија може да верува дека СДСМ може да биде патриот и да има црвени линии?

Могила, 4 октомври 2025 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митинг во Могила во рамки на кампања за локалните избори 2025 година зборуваше за политичките пораки упатени од опозициската СДСМ, за чие раководство рече дека партијата ја сведе под биолошкиот минимум и дека после овие избори кај нив ќе следува реконструкција и промени за да дојдат нови млади ликови кои ќе бидат конструктивна опозиција.

- Ќе издвојам две политички пораки кои тие во оваа кампања во овие неколку дена ги артикулираат на нивните собири, нивните митинзи. За волја на вистината едвај се собираат. Оваа раководство во СДСМ ја доведе партијата под биолошкиот минимум, под 150 илјади гласа и мислам дека на овие избори ќе се борат жестоко да освојат помеѓу 120 и 130 илјади гласа. Но тој е нивен проблем. Очекувам после овие избори да има таму катарза, реконструкција и нови млади сили коишто ќе донесат нова енергија, кои ќе бидат конструктивна опозиција и ќе работиме заедно на основа на идеи, аргументи, проекти и визија, а не на црна кампања, рече Мицкоски.

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ рече дека првата порака кои тие ја испратиле на оваа кампања, па и пред тоа, бил документот односно резолуцијата на СДСМ со т.н црвени линии.

- Зарем некој денеска, во Македонија може да верува дека СДСМ може да биде патриот и да има црвени линии? Но зад тој документ се крие, прво тоа што ги уриваат тешко повратените минимални, но повратени национални и државни позиции кои владата ги направи изминатите 15 месеци. И второ, тие имаат уште еден подарок за нашиот источен сосед, а тој подарок кој е? Вели претседателот на СДСМ вели еве уште еднаш да ја свиткаме кичмата, без да добиеме ништо, нашите во Пиринска Македонија не нè интересираат, посочи Мицкоски.

Тој истакна дека втората порака која од СДСМ ја испраќаат на овие избори е „безмилосна заштита на нивните аргати и лакеи во обвинителството и судството“.

- Јас испратив една порака и реков дека ние немаме намера да ги поддржуваме тие малкумина корумпирани аргати и лакеи на СДСМ и ДУИ во судството и обвинителството и рековме и овие плати кои ги земаат не ги заслужуваат. Тие не почекаа ни еден ден да помине, уште истиот ден се изредија во првите редови ги бранат ли ги бранат, рече Мицкоски додавајќи дека МВР спреми со докази голем број предмети, но судството и обвинителството ги чуваат во фиока.

Затоа, Мицкоски посочи дека со масовно гласање за број 9 и за ВМРО-ДПМНЕ се прави вистинскиот избор, за твојот човек, за твоето место и за твојата иднина, за да се стави конечно ред и да дојде правда во државата. ев/са/

ФОТО/ВИДЕО: ВМРО-ДПМНЕ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан